ОДРЖАНА ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА ПО ПРЕДЛОГ ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ
23.07.2014
Денес во просториите на Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа прес конференција, на која се поддржаа предлог измените на повеќе закони, Законот за работни односи, Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Законот за здравствено осигурување, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Реализацијата и донесувањето на предлог измените на Законот за работни односи со кои на работниците им се дава право на избор дали ќе се пензионираат како досега или ќе го продолжат работниот век за една, две или три години значи и потврда на ставовите и барањата кои го имаше Сојузот на синдикатите на Македонија уште од 2010 година и истите беа доставени до Владата на РМ во прилог на спроведувањето на антикризните мерки.
Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски на прес конференција оцени дека бенефит од предложените измени на Законот за работни односи ќе имаат работниците, работодавачите и државата.
- Ќе има повеќеслојна корист за сите, односно и за работниците и за работодавачите и за државата, со оглед на тоа што ќе се елиминираат повеќе празнини кои се јавуваа, пред се на работа да останат висококвалификувани кадри со кои понекогаш се соочуваа одредени работодавачи, додека за работниците измените ќе овозможат дополнително продолжување на работниот век кај оние категории кои сметаа дека со ова ќе обезбедат дополнителна социјална и материјална егзистенција, истакна Митревски.
Ова решение е исклучително поволно за сите и овозможува секој работник да процени кога ќе оди во пензија.
- Очекуваме во гранките како што се текстилниот и градежниот сектор работниците да го искористат своето право и побрзо да заминат во пензија, додека кај одредени гранки каде има дефицит, работниците да го продолжат работниот век, додаде Митревски.
Сојузот на синдикатите на Македонија е задоволен и од решението со кое се предлага на работниците кои работат со авторски договор или договор на дела да им се плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување.
Со новите измени мажите ќе можат да одлучат дали ќе одат во пензија на 64, 65, 66 или 67 години старост, додека жените ќе можат да изберат дали ќе одат во пензија на 62, 63, 64 или 65 годишна возраст. Работникот до 31 август во тековната година ќе треба писмено да се изјасни дали го продолжува работниот век за наредната година.
Со овие решенија се обезбедува драстично зголемување на работничките права. Со решението за доброволно поместување на пензиската граница, како законско решение, Република Македонија е водечка земја во регионот во однос на концептуално подобрување на работничките права.
Донесувањето на овие закони е исклучително значајно и значи потврда на стратегијата на социјалните партнери, на заедничкиот договор кои го имаат Сојузот на синдикатите на Македонија, Владата на РМ и Организацијата на работодавачи на РМ, во насока на разрешувањето на најтешките и најгорливите прашања во услови на сложена економско-социјална и финансиска криза.
Со овие законски решенија се реализираат ветувањата кои ги даде Сојузот на синдикатите на Македонија. Во таа насока се и законските решенија за поместување на пензиската граница на доброволен принцип, а со самото тоа се побија сите оние кои мислеа и говореа дека ССМ не ги исполнува ветувањата и своите програмски определби.