ПРВИ ЈУНИ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ДЕТЕТО
01.06.2014
Први јуни - Меѓународниот ден на детето, прогласен од УНИЦЕФ во 1925 година на Светската конференција за благосостојба на децата, одржана во Женева, Швајцарија, традиционално се одбележува во многу земји во светот. Во чест на Меѓународниот ден на детето, оваа година Конфедерацијата на независните синдикати на Бугарија по 14 пат го одржа Етно фестивалот „Децата на Балканот заедно во Европа“, во убавото место Минерални Бањи – област Хасково, Бугарија. Фестивалот е поддржан од Добротворниот фонд „Проф. д-р Жељаско Христов“, поранешниот претседател на КНСБ, по чија иницијатива започна да се одржува оваа културна манифестација.
Фестивалот има меѓународен карактер и во текот на двата дена на одржување пеат и играат повеќе од 2.000 деца од целиот свет. На „Децата на Балканот заедно во Европа“ 2014, се претставија фолклорни детски групи од: Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Молдавија, Македонија, Романија, Полска, Турција.
На покана на КНСБ, Сојузот на синдикатите на Македонија, секоја година, од самиот почеток на одржување на фестивалот во 2001 година, организираше учество на културно уметнички детски ансамбли на народни песни и ора од Република Македонија: „Кочо Рацин“, „Мирче Ацев“, „Орце Николов“ и „Владо Тасевски“ од Скопје, „Срма“ од Куманово, „Тиквеш“ од Кавадарци.
Оваа година на Детскиот етно фестивал во Хасково, ССМ го организираше учеството на Фолклорниот ансамбл „Бучим“ од Радовиш кој се претстави со: „Сплет од македонски ора“, во изведба на детскиот оркестар од две армоники и тапан и со „Игри од Повардарие“, во изведба на детската играорна група. Настапот на децата од Фолклорниот ансамбл „Бучим“ беше поздравен со одушевување и силен аплауз од многубројната публика, а од Жири комисијата на Фестивалот доби специјална награда за автентичен фолклор.
Преку манифестациите од овој вид, преку орото и песната, размената на искуства, децата од целиот свет имаат можност да ја претстават автентичната етно култура на својата земја, но и да стекнат сознавања и за етно културата на другите земји. Со негувањето и развивањето на културата и творечките потенцијали и вредности на децата, истовремено се придонесува во развојот на процесот на интеграциите на земјите од: Балканот, Регионот, Европа и целиот свет.