СЕДНИЦА НА СЕКЦИЈАТА НА МЛАДИ
27.12.2013
Активно вклучување во сите области на синдикалните активности, зачленување млади работници и учество во меѓународните проекти се некои од целите на Секцијата на млади при Сојузот на синдикатите на Македонија за 2014 година.
Ова се заклучоците на денешната седница на Секцијата на млади при ССМ, на која присуствуваше и претседателот на ССМ д-р Живко Митревски, кој истакна дека со добивањето полноправно членство на ССМ во Светската конфередација на синдикати се отвораат широки можноси за учество на младите синдикалци од Македонија во меѓународните проекти. Минатата година се одржа Школа за млади синдикални лидери, со тоа што ќе се одржи уште еден циклус и наредната 2014 година, што значи дека ќе произлезе уште една генерација едуцирани млади синдикалци, информираше претседателот на ССМ.
Лидија Насковска, претседателката на секцијата, зборуваше за можностите за ангажирање на младите синдикалци во зачленувањето млади вработени лица. Примери се Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита со 18 нови млади членови и Македонскиот полициски синдикат со 235 зачленувања во минатата година. Инаку и претседателката Насковска ги потенцираше можностите што се отвораат со членството на Меѓународната конфедерација на синдикати и Паневропскиот комитет ПЕРК. Додека посебно ги нагласи можностите за учество на младите во локалните економско – социјални совети.
На седницата се разгледуваа неколку информации, меѓу кои Информацијата за пристапување на ССМ во рамките на Меѓународната конфедерација на синдикати, Информацијата за потпишувањето на Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството, Информацијата за Петтата Меѓународна младинска работилница, која се одржа од 29 септември до 3 октомври 2013 година во Хустедт во Германија и на која присуствуваа претставници на синдикатите од Југоисточна Европа (ИТУЦ-ПЕРК SEEYNET), Германија и Австрија, како и Информацијата за Третата ПЕРК младинска конференција "Градење на работничка моќност: Организирање и мобилизирање на младите работници“ која се одржа, од 26 до 27 ноември 2013 година во Виена.