СОЈУЗ НА СИНДИКАТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА 10. ДЕКЕМВРИ - СВЕТСКИ ДЕН ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

Печати

 10.12.2013

Светскиот ден за човекови права - 10. декември, за Сојузот на синдикатите на Македонија, за работниците – граѓаните во Република Македонија, има огромно значење.

На овој ден, во 1948 година, во Генералното собрание на Обединетите нации е усвоена Универзалната декларација за човековите права, врз чија основа се темели Уставот на Република Македонија и сите други правни прописи. Со тоа, нашата држава се вбројува и припаѓа во светот на развиените современи демократски општества, во кое работниците-граѓаните ги уживаат основните човекови права.
Овогодишниот Светски ден за човекови права е посветен и на 20-годишнината од Виенската декларација и Програмата за акција усвоена на Светската конференција за човековите права во Виена, во јуни 1993 година и создавање функција на Висок комесар за човекови права.

Одбележувањето на овој ден се поклопува и со смртта на големиот и најпознат борец за човековите права, борец против апартхејдот – Нелсон Мандела., кој по 27 години поминати во затвор, ја доби Нобеловата награда за мир. Мандела е првиот црн претседател на Јужна Африка, избран на демократски и слободни избори – што го оставил како драгоцено наследство на својата држава и својот народ. Мандела триумфира како голем човек и политичар познат по своите уверувања дека луѓето имаат меѓусебе повеќе заедничко отколку различности, дека треба да се почитуваат и да го користат мирното разрешување на конфликтите, а не оружјето.

Ценет од целиот свет, Нелсон Мандела ќе остане запаметен како човек кој докажа дека големината на човекот е во тоа да се бори не само за својата, туку и за слободата на другите луѓе. Најмоќното оружје кое може да се употреби за менување на светот, според Мандела, е образованието. Негова мисла е и дека кога човекот ќе се искачи на висока планина, ќе сфати дека има уште многу планини на кои треба да се искачи. Човекот не треба да ги мрази другите, треба да сака, бидејќи љубовта е многу посвојствена за човековата природа.

Мандела е дел од светската историја за борба за човековите права, тој е херој, легенда и инспирација за многу светски лидери и политичари, движења за слобода ширум светот, харизматичен човек кој сопствената слобода ја жртвуваше за слободата на својот народ и идните генерации, со несебична борба за човековото достоинство, еднаквост и правда.

Во Република Македонија, секој работник, секој граѓанин, согласно Уставот и законите од трудовата сфера, има право на: работа, заработувачка соодветна на трудот, безбедни и здрави услови за работа и социјална сигурност. Секој работник го остварува основното човеково право, доброволно да се организира и здружува во синдикати, и да се бори за остварување и унапредување на своите права и интереси од работа, практикувајќи демократски методи и принципи, пред сé, преку водењето социјален дијалог на сите нивоа, преговарање и колективно договарање. Синдикално организирани и здружени, работниците во Република Македонија влијаат врз подобрувањето на својот животен стандард, но и врз позитивните економско-социјални политики и вкупната положба и прогрес во државата.