КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

Печати

17.10.2013 

17.10.2013 foto1Претседателот на СИЕР Пеце Ристевски (втор од лево) истакна дека минималната плата е исклучително важна категорија и треба да се следи во континуитет

Денес во хотелот “Холидеј Ин“ во Скопје, во организација на Меѓународната организација на трудот и на Економско – социјалниот совет на Македонија, се одржа Конференцијата “Политиката за минималната плата во Македонија и нејзините првични признанија“.
На конференцијата се дискутираше за постојните состојби и трендови со минималната плата во светски рамки и во Република Македонија.

На собирот, покрај експерти на МОТ, присуствуваа претставници на Министерството за труд и социјална политика, на трите синдикални организации – ССМ, КСС и УНАСМ, потоа двете организации на работодавачите, ОРМ и Бизнис Конфедерацијата, како и претставници на други организации и институции.

Во уводното излагање претседателот на СИЕР Пеце Ристевски, кој е воедно член на Економско – социјалниот совет, истакна дека ССМ секогаш се борел и понатаму ќе се бори за реализирање на пристојна минимална плата. Тоа е важна категорија и треба да се следи во коинтинуитет, затоа што токму минималната плата е појдовна основа за утврдување на платите во Република Македонија.

17.10.2013 foto2

Во своето излагање Слободан Трендафилов, раководител во ССМ, истакна: За Сојузот на синдикатите на Македонија политиката на плати т.е. уредувањето на платите со Закон и колективен договор, нивната висина, редовност на исплата, се од примарно значење, имајки во предвид дека тоа е соодветен начин кој овозможува правилно и соодветно вреднување на трудот и механизам на заштита во борбата против сиромаштијата и одржувањето и унапредувањето на стандардот и квалитетот на живот на вработените односно граѓаните на Република Македонија. Од друга страна имајки предвид дека политиките за плати може да имаат важна улога во остварувањето на одржлив економски развој, преку зголемување на домашната побарувачка, како и тоа дека целите за социјална правда мора да имаат суштинско место во креирањето на макроекономската политика, ни дава за право оваа прашање постојано да биде отворено на дневен ред на нашата агенда за работа и точка за која постојано се разговара со нашите социјални партнери.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими истакна дека при донесувањето на Законот за минимална плата беа важни, но и постојано се следат, компаративните анализи во другите европски земји.
Од страна на МОТ на конференцијата свои презентации имаа Даниел Вон – Вајтхед, кој зборуваше на темите “Трендови кај платата, политики и алатки“, “Утврдување минимална плата, цели, критериуми и институции“ и, заедно со вишиот експерт за работни односи и родова еднаквост Реико Цушима, “Вовед, актуелни прашања и следни чекори“.
Мирјана Алексиевска, раководител на Одделението за труд при Министерството за труд и социјална политика, зборуваше за Законот за минимална плата и на темата “Механизми за утврдување плата во Македонија“.

На конференцијата се дискутираше за темата “Првични влијанија од воведувањето на минималната плата во Македонија“. Презентација на студијата изврши Никица Мојсоска – Блажевски, декан на Економскиот факултет на Универзитетот “Американ колеџ“ – Скопје.

Инаку од страна на ССМ на конференцијата учествуваа претседателот на СУТКОЗ Зоран Георгиевски, раководителот Слободан Трендафилов, чие излагање беше во делот “Проблеми и предизвици при утврдувањето на платите во РМ – ставови на социјалните партнери“, потоа стручните соработници Лиле Петрова и Љубица Дековска, секретарот на РСП на ССМ во Кавадарци Стојко Мурџевалески и Иван Пешевски од СГИП.