РАБОТИЛНИЦА ЗА ВКЛУЧУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ ВО ОДЛУЧУВАЊЕТО ВО ПРЕТПРИЈАТИЈАТА

Печати

17.10.2013 

17.10.2013 foto1На работилницата се разгледуваа европските искуства и легислативата

Вклучувањето на работниците во одлучувањето во претпријатијата значи легитимност и тарнспарентност во компаниите, што значи обезбедување стабилни односи во работните средини, но и во општество во целост. Ова е еден од заклучоците на денешната Работилница “Вклучување на работниците за подобар и одржлив менаџмент во компаниите во Македонија“, што се одржа во ССМ.
Работилницата е дел од проектот Регионалниот проект “WIM“, чии цели се: вклучување на работниците во одлучувањето во компаниите, идентификување на состојбите во земјите членки, запознавање со постоечката регулатива, охрабрување на работниците и работодавачите за пофлексибилен начин на работа.

 

17.10.2013 foto2Миле Бошков од Бизнис Конфедерацијата на прес конференцијата изјави дека би било добро заживувањето на Законот за европски работнички совети

Организатори на денешната работилница се Сојузот на синдикатите на Македонија, Бизнис конфедерацијата на Македонија и Здружението на работодавачи на Словенија “ZDS“.
На работилницата се презентираат практики и примери на подобрување на социјалниот дијалог во Македонија, се зборува за перцепцијата на социјалниот дијалог од аспект на работодавачите и на синдикатите, се врши споредба со социјалниот дијалог во Словенија и во европските земји, се разгледува европската легислатива за социјалниот дијалог и за работничките совети и се презентираат резултатите од спроведеното истражување.

Во рамките на собирот се одржа прес конференција на која извршниот претседател на Бизнис Конфедерацијата на Македонија Миле Бошков изјави дека основата на секој компромис е дијалогот и разбирањето. Вклучувањето на работниците во менаџментот треба институционално, но и законски да се спроведува, па во тој правец е добро да почне да се применува Законот за европски работнички совети.  На прашањето на новинарите за сегашната состојба Бошков одговори дека менаџментот на управување се уште во доволна мера не ги вклучува работниците во одлучувањето, што значи дека треба понатаму да се работи на овие прашања.

17.10.2013 foto6Лидија Насковска од ССМ – целта на проектот е актуелизирање на овие процеси во Македонија

Лидија Насковска, советник за проекти и ЕУ интеграции во ССМ, изјави дека една од клучните цели на проектот е да се претстават добрите практики, со цел да се зголемува улогата на работниците во одлучувањето во Македонија.
Очигледно е дека интересот за социјалниот дијалог во Македонија е голем и тоа охрабрува во вашиот пат кон Европската Унија. Интересот е забележлив кај сите социјални партнери - синдикатите, работодавачите и Владата, забележа Анже Хирши од Здружението на работодавачи на Словенија. Вклучувањето на работниците во одлучувањето дава легитимитет и транспарентност и обезбедува стабилни односи во компаниите.

17.10.2013 foto4Анже Хиршл од Здружението на работодавачи на Словенија: охрабрува развивањето на социјалниот дијалог во Македонија

Од страна на Здружението на слободни синдикати на Словенија зборуваше Андреј Зорко, кој истакна дека напредокот на овие прашања се всушност отворање на уште еден значаен пат за побрзо интегрирање во ЕУ, што го покажа и примерот на Словенија. Меѓу останатото на овој начин се отвораат повеќе можности за излегување од економската криза. Остварувањето стабилни работни односи и успешниот социјален дијалог е услов за социјално релаксирање на една држава.

17.10.2013 foto5Адреј Зорко порача дека синдикатите се важна алка во приближувањето кон Европската Унија  

Регионалниот проект “WIM – Вклучување на работниците за подобро и одржливо управување на претпријатијата во Словенија, Македонија, Црна Гора и Србија“ започна на 5 февруари 2013 година и трае во текот на целата година. Партнери во проектот се синдикати и организации на работодавачи од Македонија, Словенија, Србија, Црна Гора и Австрија, додека проектот се реализира со поддршка на европскиот социјален партнер “BUSINESSEUROPE“.

Во текот на работилницата од страна на учесниците беа одржани неколку презентации.
Инда Савиќ во презентацијата “Социјален дијалог во Република Македонија“ ја објасни платформата на ССМ за социјалниот дијалог, правната рамка, формирањето на Економско – социјалниот совет и локалните ЕСС и за други прашања.
Пренесуваме делови од презентацијата “Социјален дијалог во РМ“.

Социјалниот дијалог претставува процес (соодветен механизам и институционална рамка), во кој што претставниците на Владата и социјалните партнери – репрезентативните синдикати и репрезентативните организации на работодавачите, преку размена на мислења и соочување на аргументи настојуваат да ги приближат и усогласат ставовите, да ги разрешуваат конфликтите и да воспоставуваат социјален мир и социјална кохезија.

Основната цел на социјалниот дијалог е промовирање и постигнување на консензус со демократско вклучување на партнерите во социјалниот дијалог, заради усогласување на посебните и општите интереси, решавање на значајни економски и социјални прашања, јакнење на социјалниот мир и стабилност, како претпоставка за економски раст и напредок.
Предмет на социјалниот дијалог се прашања од интерес за вработените, нивните синдикати и работодавачите, односно: стратегијата и политиката на вработувањето, економската и социјалната политика, предлози на закони од областа на работното и социјалното законодавство, политиката на плати и колективното договарање и сите други прашања од заеднички интерес

ТРИПАРТИТЕН СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Социјалниот дијалог врз трипартитна основа се одвива преку Економско-социјалниот совет во функција на создавање на услови за економска и социјална стабилност и остварување на темелните вредности на Република Македонија како демократска и социјална држава.
Трипартитниот социјален дијалог овозможува партиципација и вклученост на социјалните партнери и во креирање на нормативната рамка и оперативна економска и социјална политика.

Економско-социјалниот совет е трипартитно тело, формирано од Владата на Република Македонија и социјалните партнери за водење на социјален дијалог, заради создавање на услови за економска и социјална стабилност и остварување на темелните вредности на Република Македонија како демократска и социјална држава.
Функции на ЕСС се:

ЕСС има советодавно-консултативна улога и дава мислења, предлози и препораки по предлози на закони и други прописи, национални стратегии и програми во врска со економско-социјалните интереси на работниците и работодавачите, пред да бидат разгледувани од страна на Владата на РМ, при што се задолжителни мислењата по однос на законите од областа на работните односи, вработувањето, пензиското и инвалидското осигурување и БЗР.
ЕСС носи соодветни предлози, мерки и заклучоци во врска со економскиот развој, политики на пазарот на трудот, политика на плата и цени, закони од областа на трудот и социјалната сигурност, склучување и примена на колективните договори, социјалното осигурување, социјалната заштита, здравствената заштита, животната средина, фискалната политика, работни услови и заштита на работно место, образование, култура и стручно оспособување, поттикнување на мирно решавање на колективните работни спорови и други области кои имаат влијание врз економско-социјалните интереси на работниците и работодавачите.
ЕСС разгледува и дава предлози за ратификација на меѓународните трудови стандарди и ги спроведува и следи обврските кои произлегуваат од нивната ратификација согласно со Конвенцијата на МОТ 144 за трипартитни консултации; го утврдува составот на трипартитната делегација за годишната Меѓународна конференција на трудот и други трипартитни тела и формира работни тела.

ЛОКАЛНИ ЕСС. Во Република Македонија е започнат процес за развивање на социјалниот дијалог на локално ниво и формирање на локални економско-социјални совети. Остварувајќи ја нивната советодавна и консултативна функција и постигнувајќи социјален консензус, економско-социјалните совети ќе придонесуваат за:
отворање можности за креирање на економски социјални политики кои ќе нудат подобра перспектива за сите;

креирање на нови работни места, посебно во делот на вработувањето кај младите лица;
идентификување на потребите на пазарот на трудот помеѓу приватниот и јавниот сектор;
утврдување и правење на соодветни анализи за потребите на образованието;
утврдување динамика на преквалификација и доквалификација за работници кои ги изгубиле работните места, итн. ЛЕСС се формирани во 7 општини во РМ: Битола, Кавадарци, Куманово, Струмица, Тетово, Штип и Гостивар.

ССМ И СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ ВО РМ

ССМ во својата стратешка програма за дејствување е определен за унапредување и практикување на социјалниот дијалог во интерес на развој на демократските односи и економските и социјалните права и интересите на работниците и нивната вкупна положба во општеството.

ССМ со свои претставници учествува во работата на Собраниските комисии: Комисијата за труд и социјална политика, Законодавно-правната комисија, Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за економски прашања, Комисијата за здравство, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Исто така, ССМ учествува во работата на: Националниот совет за евроинтеграции, Националниот совет за безбедност и здравје при работа, Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата, управните одбори на: Агенцијата за вработување на РМ, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравство. ССМ како репрезентативен претставник на работниците, учествува во работата на годишните собранија на Меѓународната организација на трудот. На иницијатива на ССМ, во Република Македонија е отворена Канцеларија за соработка со МОТ.

ССМ активно учествува во работата на Економско-социјалниот совет, дава придонес во процесите на носењето на националните политики за остварување на основни стратешки цели за економски и социјален напредок, кои се однесуваат на обезбедувањето пристојна работа и заработувачка, социјална заштита и промовирање на социјалниот дијалог:

- носење и имплементација на програмите за намалување на невработеноста
- промовирање на синдикалната минимална кошница како пореален модел на пресметување на трошоците на живот
- барање за целосно спроведување на четирите пакет-антикризни мерки на Владата на РМ;
- ратификација на трудовите стандарди и нивната имплементација во македонското законодавство (во периодот 2010-2013 ратификувани се 8 конвенции на МОТ)
- активно учествува во социјалниот дијалог за подобрувањето на законската регулатива (Законот за работните односи, Закон за минимална плата, Закон за заштита од вознемирување на работното место, Закон за европски работнички совети, Закон за безбедност и здравје при работа, Закон за пензиско и инвалидско осигурување, Законот за мирно решавање на работните спорови, Законот за еднакви можности на жените и мажите.

РЕПРЕЗЕНТАТИВНОСТ НА СИНДИКАТИТЕ И КОЛЕКТИВНОТО ПРЕГОВАРАЊЕ

ССМ како репрезентативен синдикат во РМ е потписник на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството во континуитет, а последниот Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (пречистен текст) е потпишан на 16.11.2012 година („Службен весник на РМ“, бр. 150/12).

Во тек се преговорите за потпишување на Општиот колективен договор за јавниот сектор. ССМ како репрезентативен синдикат во РМ ќе биде потписник на Општиот колективен договор за јавниот сектор.

Синдикатите здружени во ССМ потпишаа 15 грански колективни договори и спогодби за најниска плата (период 2010 – 2013).
Институционализиран, рамноправен и ефикасен социјален дијалог има значајна улога и е клучен фактор во стабилизирањето на социјалните односи и постигнување на подобри економски и развојни ефекти. Тоа е најдобриот пат за стекнување меѓусебна доверба, почитување и толеранција на социјалните партнери и постигнување на социјален консензус, хармонизација на општествените и економски процеси, развој на демократските односи, постигнување на стратешките планирања и стабилизација на општиот развој на секое општество.

Миле Бошков ја изнесе презентацијата на Бизнис конфедерацијата: “Социјален дијалог основа за вклучување на работниците во менаџментот“.
Презентациите на Анже Хиршл, независен правен советник во ЗРС, гласеа “Анализа на социјалниот дијалог во Македонија“ и “Трипартитно ниво на социјалниот дијалог“

(Повеќе информации за проектот се достапни на истиов портал на банерот “WIM“.)