ПРИФАТЕНИ ПОВЕЌЕ БАРАЊА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР

Печати

05.10.2013 

5.10.2013 foto1Живко Митревски: Социјалните партнери продолжуваат заеднички и превентивно да го градат работното законодавство

Со задоволство можеме да констатираме дека разговорите и преговорите со Министерството за информатичко општество и администрација завршија успешно, истакна претседателот на ССМ д-р Живко Митревски на денешната конференција за печат.
Прес конференцијата се одржа по повод Предлог - измените и дополнувањата на Законот за инспекциски надзор и барањата на Синдикатот на УПОЗ, кои се во голем дел прифатени од страна на министерството.

Од синдикална страна се упатени доста забелешки во насока на подобрување на законските решенија, зајакнување на положбата на вработените, сигурноста на работните места, учеството на синдикатот во натамошната разработка на правилниците и другите акти.

5.10.2013 foto2Министерот Иво Ивановски: Законот е во функција на наградување на добрите работници

На овој начин успешно го манифестиравме социјалното партнерство и социјалниот дијалог. Веруваме дека на овој начин ќе продолжиме заеднички и превентивно да го градиме закондавството во непосреден интерес за трудот и за работниците во Република Македонија, истакна претседателот Митревски.

Министерот Иво Ивановски исто така потврди дека дијалогот со Синдикатот е успешно завршен. Тој информираше дека се прифатени повеќе барања на УПОЗ, како што е продолжувањето на периодот за полагање за сертификат од пет на шест години. Потоа министерството и синдикатот се договорија постарите работници, доколку не го положат испитот, не мора да стравуваат за своите работни места.

Исто така, како што истакна министерот, беше прифатено барањето во подготовката на актите за прераспределба, покрај Инспекцискиот совет, да учествуваат и синдикалните претставници. Инспекторите кои по трет пат нема да го положат испитот ќе бидат прераспределени на други работни места, односно нема да бидат отпуштени. Со овој закон се воведува можност вработените да се наградуваат, односно не е насочен само кон заштита на вработените, додаде министерот.

5.10.2013 foto3Претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски: Со законот се доби гаранција за сигурноста на работните места

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски истакна дека успешните преговори се во насока на донесување модерен закон и изрази задоволство од прифаќањето на барањата на УПОЗ. Овој закон е реформски и со прифатените измени на синдикатот се добива гаранција на работните места.

Добро е, истакна Грујовски, што со дијалог се најдени заеднички решенија и оттаму оптимизмот дека претстои добра соработка на социјалните партнери.