НА 7 ОКТОМВРИ СЕ ОДБЕЛЕЖУВА СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА ПРИСТОЈНА РАБОТА

Печати

04.10.2013 

По повод 7 Октомври, Светскиот ден за пристојна работа, во понеделник, со почеток во 9:30 часот, во ССМ ќе се одржи семинар на тема “Концептот за пристојна работа и надзорните механизми на МОТ“.

На семинарот ќе зборува претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија д-р Живко Митревски, како и претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и на Унијата на автономни и независни синдикати. Покрај раководствата на синдикатите на собирот ќе учествуваат министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, координаторот на МОТ за Македонија Емил Крстаноски и Овидиу Јурка, постар специјалист за работнички прашања од седиштето на МОТ (ILO DWT/CO) во Будимпешта.

Во рамките на семинарот во 10 часот ќе се одржи прес конференција.
Во вториот дел на семинарот претставници на синдикатите ќе извршат презентации за статусот на колективното преговарање и надзорните механизми на МОТ и за синдикалните активности за ратификација на конвенциите на МОТ и нивната улога во извештаите на земјите на МОТ. Специјалистот Овидиу Јурка ќе изврши презентација “Слобода на здружување и надзорните механизми - меѓународни трудови стандарди“. Следната тема на семинарот е “Надзорните механизми на МОТ и примери од Македонија – нови состојби“.

 


 

Истиот ден во ССМ, со почеток во 10:30 часот, ќе се одржи Конференцијата “Заедно против дискриминацијата на жената“.

Конференцијата ја организираат секциите на жени при Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати и Унијата на автономни и независни синдикати. Овој собир е во рамките на Проектот “Јакнење на капацитетите на вработените жени и вмрежување на Западниот Балкан“, кој се одвива со поддршка на Меѓународната синдикална конфедерација (ITUC) и ISCOS.

На конференцијата претседателот на Секцијата на жени при ССМ Елизабета Гелевска ќе зборува на тема “Еднаквоста и родовата дискриминација во работните односи во законодавството на Република Македонија“. Јована Тренчевска, координатор на Интерресорската група за еднакви можности на жените и мажите ќе зборува на темата “Закон за еднакви можности“. “Дискриминација и мобинг на работното место“ е тема на проф. Д-р Тодор Каламатиев од Правниот факултет “Јустинијан први“. Дивна Змејковска од УНАСМ ќе зборува за “Достоинствена работа“, Мила Царовска од МППС за “Досоинствен приход“ и Лидија Кекеновска Павиќ за “Искуства – мобинг – Канцеларија за мобинг - ССМ“.