ОДРЖАН ВТОРИОТ КАМП НА МЛАДИТЕ ОД “СОЛИДАРНОСТ“

Печати

28.06.2013

28.06.2013 foto1

Од 25 до 28 јуни во приморското место Неум, Босна и Херцеговина, се одржа Вториот камп на Одборот на млади на Регионалниот синдикален совет “Солидарност“. Учесници беа младите од синдикатите од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија. Сојузот на синдикатите на Македонија го претставуваа петмина млади синдикалци.

Целта на кампот беше вмрежување и соработка на младите синдикалци од регионот, зголемување на информираноста и активноста на младите и развивање на идеи за самоодржливост на Одборот на млади.

Во рамките на средбата се одржа презентацијата “Младите од синдикатот“, на која беа претставени активностите на секциите на националните и гранските синдикати од земјите учеснички. Исто така е претставен веб сајтот на Одборот на млади. Во продолжение се дискутираше по темите “Уводно излагање за фондовите на ЕУ“, “Развивање на апликации за проектните идеи“, и “Презентации на проектите“, со тоа што средбата заврши со договор за наредните активности.
Фондацијата “Фридрих Еберт“ – Регионален проект за работни односи и социјален дијалог во југоисточна Европа, со седиште во Белград, ги поддржува работата на РСС “Солидарност“ и одржувањата на младински кампови.

Првиот Камп на млади се одржа од 18 до 21 јули 2012 година во Стара Пазова, Србија. Во рамките на средбата е усвоена “Резолуција за унапредувањето на младите во синдикатите“. Имено, посебно поле на активност на “Солидарност“ е синдикалното дејствување меѓу младите.

Основачкиот состанок на Регионалниот синдикален совет “Солидарност“ се одржа на 3 и 4 февруари во Белград, додека на 11 април 2011 година, во Љубљана, Република Словенија е потпишана Основачката повелба. Наредните состаноци се одржаа во јуни 2012 година во Белград и во април 2013 година во Сараево.
Иницијатор за основање на “Солидарност“ е Европската конфедерација на синдикатите (ETUC), додека улогата на технички координатор ја врши Фондацијата “Фридрих Еберт – Регионална канцеларија во Белград“.

Примарната цел на Советот е придонес на синдикатите во ЕУ интеграцијата на земјите кандидатки, при што се разменуваат искуства и позитивни практики на синдикатите од земјите од регионот. Експертите ангажирани од Советот ги следат директивите на ЕУ, конвенциите на МОТ и ја промовираат синдикалната соработка.