Интервју - Живко Митревски: Протести ќе има кога e потребно

Печати

„ССМ не се откажува од протести тие се едно од средствата кои во текот на целата година го користиме таму каде што е потребно, протести и манифестации ќе има кога ќе има масовни бркања од работа, кога ќе има намалување на плати, протести ќе има кога ќе има зголемување на пензиските граници, протести ќе има кога нема да функционира социјалниот дијалог“, вели во интервју за Економски.мк, претседателот на ССМ, Живко Митревски. Според него, многу подобро е 1 Мај да се одбележува со кампањи за заштита на работниците, отколку со манифестации на улица. Тој вели дека се уште има проблеми со заштитата на работничките права, но состојбата е многу подобра споредено со пред неколку години.

zm intervju

Економски.мк: Кои работнички права најчесто се кршат?

Живко Митревски: ССМ останува како еден од најзначајните институционални фактори во одбраната на работничките права кои своите услуги во таа насока ги реализира преку здружените синдикати, но, и преку добро организираната правна инфраструктура која е присутна во сите градови и која нуди бесплатна правна помош. Во текот на изминатата година во ССМ имало вкупно 2.789 обраќања од кои најголемиот дел биле поврзани со неуплатени придонеси од плата за пензиско и инвалидско осигурување (338), неисплатени плати 370, како и во делот на неисплатување на надоместоци утврдени во одделни колективни договори и во делот на регресот за годишен одмор и јубилејни награди.
Нашите анализи покажаа дека за разлика од претходниот период, најверојатно и заради зголемената казнена политика, ажурноста во водењето на постапките, превентивното делување од страна на нашите служби, едукацијата на работниците во делот на правната заштита и кампањите околу запознавањето на правата по основ на работен однос придонесоа за намалување на бројот на кршење на правата од работен однос.

Економски.мк:Дали синдикатот е задоволен од соработката со инспекторатот и државата?

Живко Митревски:Основна заложба на ССМ, покрај останатото, беше да се постигне висок конзензус за одбраната на работничките права и за доследно почитување на правилата на МОТ за достоинство на работењето и достоинство на трудот. Во оваа насока заедно со надлежните министерства и институции од државата отворивме широк фронт и обезбедивме платформа за дејствување и се обврзавме со потпишување на Пактот за обезбедување на пристојна работа, кој е долгорочен документ и кој не обврзува на заедничка соработка во однос на одбрана на интересите на трудот. Како резултат на ова, воспоставивме многу поинтензивни контакти со инспекторатот за труд и реализирани се повеќе инспектирања врз претпријатија каде што имавме идентификувано дека се кршат правата по основ на работен однос и посебно правата за непочитување на безбедни здрави услови при работа. Бројот на повредите и бројот на обраќањата покажа дека само со заедничко дејствување може да се постигне успех и како резултат на тоа бевме вклучени и во повеќе заеднички проекти кои ја обезбедуваат оваа цел. Факт е дека последните две-три години има значајно подобрување на соработката, но сепак мислиме дека и понатаму има простор инспекторатот да се доекипира со нов број на млади, стручни и обучени кадри.

Економски.мк: Донесен е Закон за минимална плата, но има проблеми при исплатата? На што се жалат најмногу вашите членови?

Живко Митревски: ССМ по повод одбележувањето на Први мај во 2011 година поведе целогодишна кампања за донесување на Законот за минимална плата. Во 2012 година истиот е донесен, и од аспект на временска дистанца од 1 година, ако во првиот момент неговата примена беше од околу 70% до 80%, најновите анализи кои ги направија и ССМ и Организацијата на работодавачи на Македонија покажаа дека неговата примена е над 90%. Останува со зголемена активност на сите социјални партнери, посебно на синдикатите и инспекторатот, да го решаваат проблемот кај злоупотребите што се прават во малите микро претпријатија и во злоупотребите кои беа констатирани при повраток на средства. Ние ги охрабруваме сите оние работници кои сметаат дека не им се исплаќа минималната плата веднаш да реагираат до ССМ и до соодветниот инспекторат, а во делот на платите најчесто е жалбата околу неплаќањето на прекувремената работа и неисплаќањето на одредени надоместоци.

Економски.мк: Дали ССМ во моментов работи на нов проект во правец на поголема заштита на работничките права?

Живко Митревски: ССМ во последните три години работеше на два значајни концепти во правец на поголема заштита на работничките права од една страна, подобрување на работното законодавство, а од друга страна подобрување на концепотот на работнички стандарди. Во тој концепт имплементирани се 19 директиви од ЕУ , ратификувани се 5 нови конвенции од кои за регулирање на социјалните клаузули во јавните набавки , конвенцијата за заштита на мајчинството, конвенцијата за промотивна рамка за безбедност и здравје, а во процедура се и ратификација на 3 нови конвенции од кои 2 посебно значлајни за состојбата на работниците во јавнијот сектор.Завршени се два концепти кои беа посветени на посебна заштита на ранливите категории на работници млади и жени со кои се забрануваат сите облици и на дискриминација како при засновањето на работниот однос, така и при вршење на работниот однос од страна на работничките по однос на бременост, раѓање и мајчионство, дополнет е концептот во борбата против вработувањето на црно, со елиминирање на злоупотребите на бланко изјавите и спогодбените откази, зголемени се мандатните казни за непријавените работници, утврдена е обврска во оние претпријатија каде се затекнати повеќе од три непријавени работници работодавачот да исплаќа 70% од платата, она што е исто така многу значајно за првпат се уредува работно-правната положба на сезонските работници, а со сите овие мерки поттикнато е трансформирањето на работниот однос од определено на неопределено работно време.Она што сметаме да се прави во текот на идниот период е да се отвори прашањето за воведување на концептот на работничка партиципација , односно учество на работниците во управувањето и одлучувањето и формирање на совети на вработени, сериозно ќе го наметнуваме и прашањето околу потребата од судовите за решавање на работни спорови, и подобрување на социјалниот дијалог на локално ниво.

Економски.мк: Дали во Македонија се почитува трудот?

Живко Митревски:Прашањето за почитувањето на трудот во РМ е доста специфично ако се има во предвид дека истото се поставува во услови на глобална финансиска, економска и должничка криза која секако влијае врз позициите на трудот и неговото достојно вреднување. Од ССМ може најодговорно да кажеме дека концептот на подобрување на работното законодавство кој го реализиравме со социјалните партнери, концептот на подобрување на работнички стандарди, донесувањето на Законот за минимална плата, како и низа концепт на мерки насочени кон поттикнување на процесот на вработување влијаеше да не ги нарушиме трите основни столба кои беа во фокусот на нашата стратегија. Прво, обезбедувавме атмосфера за градење на сигурен работен однос, односно настојувавме и обезбедивме да нема масовни бранови на отпуштање на работници, второ, иако во РМ и според наши видувања постојат ниски плати сепак успеавме да не дозволиме ваквите плати да одат надолу , а во меѓувреме по воведувањето на Законот за минимална плата во сите колективни договори кои беа покасно потпишпани има поместување на висината на платите нагоре. Извештатите во делот на оценката на подобрување на мерките кои одат во прилог на заштита на социјалната економска состојба, бројот на регистриртаните претставки за разлика од минатите години, зголемувањето на казните и зачестените инспектирања покажуваат дека во Македонија има подобрување во делот на почитувањето на трудот, но сепак остануваат голем дел на прашања за кои што сметаме дека има потреба да се решаваат, а особено во делот на почитувањето на трудот во малите и микро претпријатија.

Економски.мк: Дали работодавачите стекнаа навика да исплаќаат работа во празник и прекувремени саати?

Живко Митревски: Иако во Македонија на некој начин често пати беше присутна навиката да не се исплаќа работата во празник и прекувремени саати најновите податоци покажуваат дека има позитивно приближување на овој план, дека драстично се намалува бројот на таквите појави кој порано навистина беше голем, истовремено и понатаму остануваме на констатацијата дека само преку колективно синдикално организирање работниците можат да ги остварат своите идивидуални и колективни права, дека само преку синдикатите во услови на ново воспоставениот општествено-економски и политички систем можат да се зачуваат вредностите на трудот, вклучително и остварувањето на овие права.

Економски.мк: И оваа година нема протест за Први мај. Зошто Македонија отстапува од светските практики?

Живко Митревски: ССМ и оваа година реши Први мај да го одбележува во текот на цела година кампањски, а не само еден ден. ССМ цени дека за нас е многу побитна содржината , побитни се резултатите од активностите кои имаме намера да ги спроведуваме во текот на цела година отколку формата која е поврзана и во голема мерка не ги дава резултатите. Нашата тригодишна стратегија во делот на одбележување на Први мај се покажа многу попродуктивна, поуспешна и е поврзана со конкретни резултати. 2010 година имавме одбележување на мај со кампања за организирање и мобилизирање на ново членство која заврши со 26.000 нови членови. 2011 година овој празник го одбележувавме со едногодишна кампања за донесување на Закон за минимална плата и како што знаете Законот за минимална плата беше донесен на почетокот од 2012 година и истиот има историска димензија во поглед на дополнување на социјално-економската сигурност на работниците. Минатата година, имавме кампања за донесување на Закон за забрана за психичко вознемирување – МОБИНГ која што исто така успешно заврши и овој Закон влезен е во собраниска процедура. ССМ е сериозна и одговорна организација на работниците посветена на остварување на нивните права и за нив се бори секојдневно , секојдневно се соочува со проблемите, секојдневно ги решава проблемите и нуди консултивни и одговорни решенија. Фокусирани сме на резултати, фокусирани сме на остварување на содржината, фокусирани сме на подобрување на социјално-економската положба со нудење на конкретни решенија кои не се поврзани само со еднодневно одбележување карактеристично за одредени невладини организации и структури кои само еднаш годишно се појавуваат, манифестираат без притоа да полагаат одговорност или обврски за нивното работење. ССМ не се откажува од протести тие се едно од средствата кои во текот на целата година го користиме таму каде што е потребно, протести и манифестации ќе има кога ќе има масовни бркања од работа, кога ќе има намалување на плати, протести ќе има кога ќе има зголемување на пензиските граници, протести ќе има кога нема да функционира социјалниот дијалог. Нашата основна заложба е дека финансиската сложена економска и должничка криза треба да се решава конструктивно, организациски, рационално , а не формално и манифестно како што некој сака да претендира. ССМ останува на стратегијата севкупните проблеми на општествено-економското и социјалното живеење да ги решава на конкретен начин со конкретни резултати.

(Објавено во ekonomski.mk, на 1.05.2013)