СЕДНИЦА НА СЕКЦИЈАТА НА МЛАДИ

Печати

29.04.2013
Претседателката на секцијата Лидија Насковска и преседателот на ССМ   д-р Живко Митревски (средина) на денешната средба на младитеПретседателката на секцијата Лидија Насковска и преседателот на ССМ д-р Живко Митревски (средина) на денешната средба на младите

Денес Секцијата на млади при ССМ одржа седница на која се расправаше за основните цели во наредниот период.

Претседателката на секцијата Лидија Насковска, инаку советник за проекти и евроинтеграции на ССМ, ја насочи дискусијата кон дефинирање на најбитните цели во наредниот период.

Насковска информираше за склучениот Договор за соработка на секциите на млади синдикалци во Регионалниот синдикален совет “Солидарност“, кој ги опфаќа синдикатите од државите на поранешната југословенска федерација. На средбата во средината на април во Сараево е договорено одржување младински камп во Босна и Херцеговина,  додека во тек е оформување на интернет страница на младите синдикалци во “Солидарност“, во која ќе партиципираат сите национални секции.

Покрај вмрежувањето на секциите во наредниот период е потребно интензивно да се работи околу Акциската програма за вработување млади на Владата на РМ. Исто така и оваа година ќе продолжи “Школата за млади синдикални лидери“, која минатата година одржа неколку сесии предавања.

На средбата беше присутен претседателот на ССМ д-р Живко Митревски, кој на младите им ја објасни основните цели на платформата на ССМ. Митревски им порача на младите синдикалци дека покрај регионалното организирање на секциите во рамките на “Солидарност“ се отвора простор за вмрежување во организациите на Европската конфедерација на синдикатите, за што е разговарано неколку пати. Исто така постојат можности за  вклучување и во Светската федерација на синдикатите.

Една од примарните цели е засилена агитација за зачленување на младите вработени во синдикатите. Просечната старосна граница на членството во цела Европа е доста висока и токму затоа големо внимание се насочува кон популацијата која утре треба да стане носител и на синдикалните движења.

Претседателот д-р Митревски во продолжение ги запозна младите синдикалци со постигнувањтаа во изминатите три години и со клучните цели на ССМ. Го напуштивме демагошкиот приод и се концентриравме на конкретни цели кои дадоа резултати. Во 2010 година е започната кампања за ново членство, следната беше за Закон за минимална плата, минатата за Закон за мобинг, додека оваа година се отпочнува кампања за формирање локални економско – социјални совети.

Инаку во Секцијата на млади при ССМ членуваат младинските секции од гранските синдикати здружени во ССМ. Во некои синдикати и во одредени области и работни средини се уште уште не се формирани секции, што е уште една од приоритетните цели на младите.