ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА

Печати

 26.04.2013
Претседателот д-р Живко Митревски посебно укажа на опасностите што ги носат новите технологииПретседателот д-р Живко Митревски посебно укажа на опасностите што ги носат новите технологии

На 25 април 2013 година во Маврово се одржа Конференција за Национални стратегии за безбедност и здравје при работа, во организација на Македонското здружение за заштита при работа, а во знак на одбележување на 28 април, Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

ССМ се јави како ко-организатор на Конференцијата. Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски, во своето обраќање укажа на борбата за обезбедување на безбедни и здрави услови при работа. ССМ во континуитет посебно се залага за остварување на ова темелно човеково право кое е предуслов за обезбедување на општествен развој.

Во овој контекст, посебно се потенцираат значењето и улогата на ССМ поврзани со борбата за збогатување на Меѓународните работнички стандарди и работното законодавство. На овој план посебно е значајно тоа што ССМ успешно ги заврши активностите кои доведоа до ратификација на Конвенцијата за промотивна рамка за БЗР, усвоена во Женева на 15 јуни 2006 година (во РМ ратификувана на 19 март 2012); Конвенцијата за заштита на мајчинството, усвоена во Женева на 15 јуни 2000 година (во РМ ратификувана на 19 март 2012 год.) Оваа конвенција ја ревидира Конвенцијата за заштита на мајчинството, ревидирана во 1952 год.

26.04.2013 foto2Во рамките на средбата се одбележува 28 април, Светскиот ден на безбедност и здравје при работа

ССМ во текот на изминатата година покрена низа прашања поврзани со подигнување на нивото на БЗР, а исто така се реализирани измени во Законот за работни односи поврзани со заштита на работничките права по основ на бременост, раѓање и родителство, забрана за дискриминација која се однесува на овие категории во делот на пристапот до вработување, условите за работа и сите права од работен однос (чл. 9 - б, 11, 25 и 101 од ЗРО/12). Истовремено, како резултат на кампањата за донесување на Законот за мобинг, во собраниска процедура е предлогот за донесување на овој закон.

Претседателот Митревски посебно укажа на опасностите и ризиците што ги носат новите технологии и укажа на потребата од соодветен однос кон климатските промени и потребата од нови зелени работни места.

ССМ и покрај економската и финансиската криза укажа на потребата за доследно спроведување и превенирање на мерките за БЗР со воведување и градење на национални стратегии за БЗР кои не само што треба да се донесуваат, туку и доследно да се спроведуваат како обврска не само на социјалните партнери, туку и на општествената заедница во целина.

На Конференцијата присуствуваа голем број гости од земјата и странство (Норвешка, Ирска, Турција, Србија, Албанија, Швајцарија, Белгија, Бугарија, Косово).
Конференцијата ја отвори Претседателот на МЗЗПР г. Милан Петковски. На крајот на Конференцијата беа доделени годишни награди за БЗР.