ССМ РАБОТИ НА ПРЕДЛОГ ЗАКОН ЗА МОБИНГ

Печати

1.07.2009

Кон крајот на летото Сојузот на синдикатите ќе излезе со предлог на закон за мобинг. Се очекува соработка од социјалните партнери, политичките партии и невладиниот сектор...

 

 

Според пилот истражувањето на Сојузот на синдикатите, од 510 анкетирани лица 41 отсто се изјасниле дека се жртви на мобинг, 30 отсто дека трпат притисоци поради политичката определеност, додека 40 отсто сметаат дека имаат здравствени проблеми.

Овие податоци на денешната конференција за печат ги соопштија Инда Костова Савиќ, раководител на Секторот за едукација на ССМ и портпаролот на ССМ Милан Живковиќ. Тие информираа за следниот чекор на ССМ, изработка на предлог на закон за мобинг, кој ќе биде претставен кон крајот на месец август или на почетокот на месец септември.

Ќе се обидеме во изработката на предлогот на законот да ги вклучиме и политичките партии, помеѓу останатото и затоа што политичкиот мобинг е доста присутен во Македонија, изјави Живковиќ. Една политичка партија предложува дополнување на Законот за работни односи, што секако е за поздравување, но став на ССМ е посебен закон за заштита од психичките притисоци. Се разбира дека треба да бидат вклучени и социјалните партнери, односно Владата, организациите на работодавачите, државните институции и секако невладиниот сектор. Ќе го следиме примерот на соседните држави од регионот и ќе ги примениме искуствата од светот. Во Европската Унија посебен закон е донесен во 1976 година, кој е дополнет во 2002 година. Во САД е донесен во 1964 година, дополнет е после пет години, додека Канада донесе закон во 1984 година.

Ова не е прв чекор во иницирањето на мобингот на повисоко општествено ниво, изјави Инда Костова Савиќ. Материјата е третирана во Законот за безбедност и здравје, потоа во Законот за работни односи, но тоа не е доволно.

Наскоро ќе спроведеме поширока анкета, во која ќе се вклучат сите 17 грански синдикати и така ќе се добијат порелевантни податоци. Меѓутоа, може да се претпостави дека Македонија ги следи светските трендови на овој план. Сега во Европската Унија мобингот е рангиран на четврто место според ризиците на работните места, додека службена проценка е дека за неколку години ќе биде прв според ризичноста, рече Костова Савиќ.

Исто така ќе настојуваме конечно да се оформи Националниот совет за безбедност и здравје. Законот за безбедност и здравје е донесен во 2007 година и се уште ова тело, предвидено со законот, не е создадено. Цела заедница трпи од порастот на мобингот. Последиците не се само од психолошка природа и не се однесуваат само на здравјето на поединци. Притисоците ја намалуваат продуктивноста на работникот и го рушат угледот на компанијата, објасни Костова Савиќ.