ДЕМОКРАТСКО КУСЕЊЕ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА

Печати

25.06.2009

Заменик министерот Спиро Ристевски најави лимит од три до пет отсто членство за репрезентативноста на синдикатите. Се по европските стандарди, но нејасно е по кои стандарди се укинуваат основните работнички права...

 

 

Утврдениот лимит на членство за утврдување на репрезентативноста на синдикатите ќе биде од три до пет отсто, наместо сегашните 33 отсто. Оваа изјава ја даде заменик министерот за труд и социјална политика Спиро Ристевски, на пауза на денешниот состанок меѓу Министерството и претставниците на синдикатите.

Така темата за која Сојузот на синдикатите денес ги повика новинарите, Предлогот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, остана во втор план. Ударна вест ненадејно стана намерата на Владата во однос на синдикалното организирање. Дали целта е раситнување на синдикалното движење? Дали е форсирање на синдикални послушници, инаку ефемерни според членството и капацитетот? Или, конечно, застрашување или замолчување на најголемата и најсамостојната синдикална организација, Сојузот на синдикатите на Македонија?

Заменик министерот Ристовски неколку пати се повика на европските стандарди, на европските директиви, го спомена и податокот дека ние сме демократска држава. Тоа е во ред, но не е јасно по кои демократски стандарди Владата најдиректно ги крати и ги одзема правата од работен однос, со кои македонските работници се вратени во 19. век. Минатата година, во месец јули,  нетранспарентно, без никаква расправа, со измени на законот укина повеќе од дваесет стекнати работнички права. Само едно од нив го сведе македонскиот работник на безгласен објект, без право на глас, жалба или заштита – тоа е правото на работодавачот да му даде отказ без никакво ограничување.

Најавите за понатамошно одземање на работничките права почнаа да се остваруваат, исто така по недемократски методи, иако, мора да се признае, на денешниот состанок барем на разговор беа повикани синдикалните централи. На работен состанок, но и тоа е некаков напредок.

Драге Јованоски, раководител на Секторот за правна заштита на ССМ, ги пренесе ставовите на ССМ за најавените измени на Законот за работни односи. Прво, Владата упатува на повторно потпишување на важечките колективни договори. Знаејќи го менталитетот на работодавачите, тешко ќе оди повторното потпишување на колективните договори. Второ, се претпоставува формирање синдикална организација во секое претпријатие. Не се гледа смисолот, затоа што во државата има 62.000 претпријатија, рече Јованоски. Трето, овие расправи не се водат на демократски начин. Не е вклучен и не е известен Економско - социјалниот совет, со што се кршат европските стандарди за водење социјален дијалог. За тоа ќе ги известиме Брисел, Меѓународната организација на трудот и евромисијата во Македонија, најави Јованоски.

Предложените измени за кои ССМ има поинаков став се: скратеното работно време, ноќниот труд, работењето во смени, паузата за време на работа, дневниот одмор, траењето на годишниот одмор. Сите предложен измени се неповолни за работниците.

Наскоро ССМ ќе организира посебна средба на која детално ќе ги објасни ставовите околу Предлог законот за измени и дополнување на Законот за работни односи.