СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА НА МЛАДИТЕ ВО КИЧЕВО

Печати

8.05.2009

Немаме големи познавања за организацијата на работниците, признаваат младите од Кичево. Тие најмногу се интересираат за дејствувањето на Синдикатот во конкретни ситуации...

 

 

Знаеме дека Синдикатот е организација на работниците, но нашите познавања не се големи, се изјаснија младите кичевчани на вчерашната работилница за синдикална едукација на младите. Зошто работникот да биде член, која е возраста за зачленување, како Синдикатот се бори да ги заштити правата на вработениот - се некои од прашањата за кои се интересираа младите.

Работилницата е дел на проектот за млади, кој е спонзориран од страна на Фондацијата “Фридрих Еберт - Канцеларија Скопје“. Предавачи беа новинарот Моника Талевска и Ѓорѓи Багевски, член на Советот на ССМ. Тие на младите слушатели им објаснија повеќе целини, меѓу кои структурата на Сојузот на синдикатите на Македонија, улогата во општеството, заштитата на правата од работен однос, понатаму историјата на синдикалното движење во светот и во Македонија и друго.

Слушателите, од кои повеќето беа студенти на Филолошкиот факултет на Универзитетот “Кирил и Методиј“, Факултетот за туризам во Охрид и Технолошкиот факултет во Битола, се интересираа за конкретни ситуации. Дали ако на исто работно место се ангажирани лица со различно образование платата треба да биде иста? Зошто работникот да биде член на Синдикатот ако работодавачот ги задоволува сите негови барања? Дали невработени, ученици и студенти можат да бидат членови во Синдикатот? Како да се реагира за прекувремената работа, за дискриминацијата по полова, национална или друга основа?

Предавачите дадоа објаснувања за тоа кои се задачите и методите на дејствување на Синдикатот во спорните ситуации, како и за превентивното дејствување. Инаку средбата во Кичево е дел од серијата семинари, што претходно се одржаа во Крушево, Македонски Брод и Прилеп.