СЕ РЕОРГАНИЗИРА СЕКЦИЈАТА НА МЛАДИ

Печати

11.06.2009

Новиот назив на досегашната Секција на млади е Синдикална младина при Сојузот на синдикатите на Македонија. Тие најавуваат зголемено учество во меѓународни проекти и во донесувањето нови закони...

 

 

Секцијата на млади при Сојузот на синдикатите на Македонија се преименува во Синдикална младина при ССМ, одлучија младите синдикалци на вчерашната седница.

Со новата организациона структура, екипирањето на раководните тела и концепцијата на дејствување ќе се стартува после одморите, во месец септември, изјави претседателот на секцијата Радојка Хелман Денковска.

На седницата сепак се одредени главните насоки на дејствување на Синдикалната младина, како што е поактивно учество во работењето на органите на ССМ, посебно на највисокото тело, Советот на ССМ. Следна цел е почесто присуство на семинари, советувања и други собири што ги организираат фондациите и невладините организации. Во тој правец моментно се актуелни ангажманите со Балканската фондација за деца и млади, чиј меѓународен проект се одвива во текот на цела 2009 година, потоа Фондацијата “Фридрих Еберт“, која во повеќе градови во земјата организира напредни школи за млади и серија семинари за безбедност и здравје при работа.

Положбата на младите генерации, како што е невработеноста и позицијата на вработените, ќе биде централна преокупација на младите синдикалци. Тие најавија дека ќе бараат разни форми на нивно влијание врз донесувањето на новите закони.

Синдикалната младина ја сочинуваат помлади членови на синдикатите здружени во ССМ, но поради специфичните проблеми на младите во македонското општество се наметнува потребата од нивно посебно организирање и омасовување, како посебно тело во рамките на ССМ. Иако старосната граница е одредена на 35 години, во Синдикалната младина е добредојден секој што сака да работи на подобрувањето на положбата на младите генерации, нагласи Радојка Хелман Денковска.