ПОТПИШАН КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА ХЕМИСКАТА ИНДУСТРИЈА

Print
There are no translations available.

15.04.2008

Денес Синдикатот за хемија и неметали и Здружението за хемиска индустрија при Организацијата на работодавачи потпишаа Колективен договор. Утврдени се две најниски плати, за пластичната и за фармацевтската индустрија...

 

Синдикатот за хемија и неметали (СХНМ) и Здружението на хемиска индустрија при Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ)  денес потпишаа Колективен договор за хемиската индустрија. Во колективниот договор се уредени повеќето права од работните односи утврдени во Законот за работни односи.

Утврдени се две најниски плати за двете дејности, пластичната и фармацевтската индустрија. Важноста на договорот е со три години, со што е направен исклучок, бидејќи колективните договори вообичаено се потпишуваат на две години.

Договорот е плод на преговори што траеја две ипол години, истакна претседателот на СХНМ Зоран Мироновски. Веднаш после донесувањето на Општиот колективен договор за стопанство пристапивме кон изработка на колективен договор за хемиската индустрија. Имаше многу тешкотии, но заедно со соодветното здружение од ОРМ успеавме да ги договориме најбитните работи, пред се за платите, придонесите, надоместоците, условите за работа и други прашања.

Ова е голем момент за хемиската индустрија, затоа што договорот е од исклучителна важност и за работниците и за работодавачите, рече Живка Петровска, претседател на Здружението за хемиска индустрија при ОРМ. Уредувањето на односите е заеднички право и заедничка обврска на работниците и на работодавачите. Треба да се знае дека договорот е жива материја која постојано ќе се менува. Наскоро ќе формираме комисии за следење на колективниот договор и понатаму ќе ги приближуваме ставовите на двете страни, додаде Петровска.