ОЖИВУВАЊЕ НА СИНДИКАЛНИОТ МРТОВЕЦ СОНК

Печати

2.09.2008

Мултиетничкиот синдикат за образование го осудува меморандумот за соработка меѓу СОНК и Министерството за образование и наука. Тој синдикат е владин привезок, вели претседателот на МЕСО Сузана Стефановиќ...

 

Министерот за образование добро знае дека изборот на еден синдикат, при постоење на друг легитимен синдикат, не е ни приближно до стандардите на западните демократски земји, рече на денешната конференција за печат Сузана Стефановиќ, претседател на Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО).

Реакцијата на МЕСО се однесува на настанот од пред два дена, потпишување на меморандум за соработка меѓу Министерството за образование и наука и Синдикатот за образование, наука и култура. Објаснувањето дека министерството превзема обврски при законски измени задолжително да го консултира СОНК е унапредување на социјалниот дијалог е игра на зборови, додаде Стефановиќ. Инаку МЕСО е регистриран синдикат со повеќе активности во борбата на правата на работниците во образованието.

За блиските односи на Владата со СОНК Стефановиќ истакна дека се покажа дека избраниот синдикат е владин привезок. Сега Владата мора да го “оживува“ лицето ДЦ (Дојчин Цветановски, зн.), кој со комплетното поддржување на измените на Законот за работни односи самиот се прогласи за синдикален мртовец. На Запад се прави револуција за еден член од закон, а во Македонија се намалуваат петнаесет работнички права. Можеме да очекуваме дека во иднина СОНК ќе учествува на медиумски паради и да ги потврдува како позитивни сите залагања на Министерството за образование, а истовремено да молчи за одземените права на работниците од образованието.

На прашањето на новинарите зошто МЕСО не организира демонстрации на наставниците Стефановиќ објасни дека причината е во ставот и притисоците. Јас лично добивам телефонски јавувања со закани за мене и за моето семејство, информира претседателот на МЕСО.

И покрај сите наши настојувања Министерството за образование и наука не не удостои ни со одговор на нашите писмени обраќања. Изминаа пет месеци од Одлуката на Уставниот суд за бришење на членот од Законот за извршување на буџет што се однесува на надоместоците за исхрана и превоз. Во Колективниот договор за образование прашањето не е дефинирано, но според наши пресметки вработените досега се оштетени со најмалку 6.000 денари. Тука не е вклучен превозот, но во исто време СОНК и  министерството потпишуваат меморандум за разбирање.

Во разговор со министерот за финансии добивме одговор дека треба да се чека на ребаланс на буџетот. Пресметавме дека само за хранарина без основ се исплаќаат над 80 милиони денари месечно за вработените во образованието, науката и културата. Тогаш и ова е упад во буџетот, објасни Стефановиќ.

Како информација, според Заводот за статистика и Министерството за труд и социјална политика просечната плата од април до јуни 2008 година изнесува 15.698 денари, а надоместокот за исхрана 3.925 денари, додека на вработените во образованието за исхрана им се исплаќаат по 2.300 денари.