ОД ТРАНЗИЦИЈАТА МИЛИОНИ ЖРТВИ

Печати

12.05.2009

Најмалку еден милион луѓе умреле прерано поради наглата приватизација во некогашните комунистички земји, тврдат тројца британски професори. ОН проценува дека бројот на жртвите на транзицијата изнесува десет милиони мажи...

 

 

Граѓаните на земјите од поранешниот социјалистички блок доживеаја огромни шокови, кои се причина за скусување на животниот век, се тврди во студијата “Масовната приватизација и кризата на смртноста во посткомунизмот“, објавена во јануари во угледниот британски медицински магазин “Лансет“.

Авторите на студијата, Дејвид Стаклер и Лоренс Кинг, професори по социологија на универзитетите Оксфорд и Кембриџ, и Мартин Меки, професор на Лондонското училиште за хигиена и тропска медицина, пресметале дека најмалку еден милион мажи умреле порано поради големите општествени и економски промени. Тројцата научници ги зеле во обѕир стапката на смртност на мажите во работоспособен период во 25 држави на централна и источна Европа, како и на некогашниот Советски Сојуз. Според нивните заклучоци, наглиот раст на морталитетот е поврзан со невработеноста, која предизвикува стресови, влошување на здравјето и промена на однесувањето, посебно на прекумерното пиење алкохол.

Меѓутоа, според проценките на Обединетите нации дури десет милиони мажи умреле прерано поради транзицијата, додека очекуваниот животен век е драстично намален. Во Русија од 1991 до 1994 година животниот век е намален од 64 на 58 години.

Британските професори “масовната приватизација“ ја дефинирале како продажба на најмалку 25 отсто од големите државни претпријатија во рок од две години. Според нивните пресметки, поради таквата приватизација стапката на смртност на мажите на возрасот од 15 до 59 години пораснала за 13 отсто, што значи дека умреле најмалку еден милион лица.

Најлошо поминале граѓаните на Казахстан, Летонија, Русија и Естонија, каде стапката на смртност на почетокот на деведеттите години скокнала за 42 отсто. Како земји со најмали шокови се наведени Албанија, Хрватска, Чешка, Полска и Словенија. Кај овие земји стапката на невработеност пораснала за само 2,2 отсто, додека во други пораснала за неколку пати.

Хрватска и Словенија често пати се споменуваат како позитивни примери на држави кои побавно го растурале “комунистичкиот апарат“ и со тоа ги сочувале нивните граѓани од шоковите на наглата приватизација. Авторите тврдат дека товарот на преминот во капитализам полесно го поднеле оние нации кои имаат организирани социјални мрежи преку црквите или силни синдикати.

Посебно интересни се квалификациите на британските професори за Џефри Сакс, автор на идејата за “шок терапија“, која ја прифатија повеќе социјалистички земји. Сакс тврдеше дека не постои врска меѓу приватизацијата и бројот на умрените, додека Британците сега му испорачуваат сосем поинаква сметка. Државите кои Сакс ги наведува како успешни станаа успешни само затоа што не ги прифатија неговите совети, пишуваат Стаклер, Кинг и Меки.