ИНИЦИЈАТИВА НА ССМ ДО УСТАВНИОТ СУД ЗА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ

Печати

1.10.2008

Противуставно е укинување на стекнатите права на работниците, смета Сојузот на синдикатите. Работниците се дискриминирани, нарушени се принципите на еднаквост и социјална правда. Брисел ги оцени измените за катастрофални...

 

Некои од измените во Законот за работни односи се против Уставот на Република Македонија. Прекршени се меѓународните конвенции на Меѓународната организација на трудот, кои Република Македонија ги има потпишано, потоа препораките на Европската Унија. Сојузот на синдикатите на Македонија до Уставниот суд на 25 септември поднесе Иницијатива за оценување на уставноста на измените во Законот за работни односи, изјави на денешната конференција за печат портпаролот на ССМ Пецо Грујовски.

Од Брисел стигна одговор дека измените во Законот за работни односи се катастрофални, истакна Драге Јовановски од Секторот за правна заштита на ССМ. Европското работно законодавство има 80.000 страници, таму работниците се заштитени со законот, но македонската Влада не го следи европските препораки и место ред, воведува неред во работните односи.

Наши 22 правници темелно ги разгледаа измените и најдоа дека се против Уставот, односно прекршени се уставните одредби за владеење на правото, за хуманост и социјална правда, рече Јовановски. Засега се оспоруваат шест, додека се анализираат и други членови од законот. За кои членови станува збор?

Според членот 8 од Уставот граѓаните се еднакви пред законот, во член 32 е утврдено дека правата на работниците се регулираат со закон и со колективни договори. Во Законот за работни односи во членот 1 е дополнето дека правата се регулираат и со договор за работа. Но каква е позицијата на работникот спрема работодавачот? Човек ќе се согласи на секакви уцени, на многу намалени права, само за да добие работа. Договорот за работа треба да биде додефинирачки документ, а сега излегува дека ќе стане основен извор на правата на работникот.

Договорот на определено време е исто така противуставен, затоа што ги става работниците во нерамноправна положба. Познато е дека со законот е продолжен од четири на пет години. За споредба, Во Хрватска е намален од три на две, со тенденција да се сведе на една година. Овде исто така граѓаните се во нееднаква позиција. Работењето на определено време е атипичен, специфичен договор, и тоа за одредени состојби, настрана што никој не гарантира дали работникот после ќе биде примен на неодредено време.

Платите и додатоците на плата се исто така недоволно регулирани. Работењето во недела и во ноќна смена е регулирано со колективните договори, но сега тие права ги нема во Законот, а не е регулиран ни начинот на плаќање. На пример, работодавачот може неограничено да го тера работникот да работи ноќна смена и да не му плати ништо дополнително.

Владата со бришење на неколку реченици суштински ги менува работите. На пример, избришана е реченицата од поранешниот закон, со кој ноќна смена може да се работи најмногу една недела во месецот.

Годишниот одмор е скусен, повторно со нејаснотии. Досега годишниот одмор беше одреден од 20 до 26 работни дна, а сега стои 20 дена. Дали тоа значи дека ќе се бројат и саботите и неделите? Членот 145, пак, упатува работникот да упати барање за годишен одмор до работодавачот, што во практиката е тешко да се замисли за реалност.

За ССМ, како единствен репрезентативен синдикат, противуставно е укинувањето на стекнатите права, кои македонските работници ги имаат 60 години. И по овие критериуми е прекршен Уставот, објасни Јовановски.

Портпаролот Груевски потсети дека ССМ води битка од првиот ден на менувањето на Законот за работни односи. Аргументите се на наша страна и мислам дека тие влијаеа  вицепремиерот Ивица Боцевски, на минатонеделната средба, да се согласи на идни разговори. Од Владата до 6 октомври очекуваме известување за продолжување на разговорите за Законот за работни односи. Советот на ССМ на 7 октомври треба да одлучи дали ќе има јавен протест. Начелно е договорено протестот да се одржи во втората половина на овој месец. Протестот може, но и не мора да се одложи, што зависи од одговорот и однесувањето на Владата.