ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД СФДМ ДО СВЕТСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА РАБОТНИЦИТЕ

Печати

10.06.2009

Синдикатот за финансиски дејности го извести раководството на Светската организација на работниците за непостоењето социјален дијалог и побара наредниот меѓународен семинар да се одржи во Македонија...

 

 

Заради многубројните опструкции со кои се соочува Синдикатот на финансиските дејности на Македонија би било корисно наредниот семинар на WOW да се организира во Република Македонија. Целта е зајакнување и унапредување на правата на работниците по сите основи.

Ова  е дел од обраќањето на претседателот на Синдикатот за финансиски  дејности на Македонија (СФДМ) Гоце Селовски до раководството на Светската организација на работниците (WOW), односно до центарот за централна и Источна Европа, што се наоѓа во Виена, Австрија.

СФДМ е полноправна членка на WOW од минатата година. Учествуваше на последниот конгрес што се одржа на Малта во август 2008 година и на почетокот на мај на семинар во градот Арад, Романија. На семинарот во Арад, каде теми беа колективните договори, заклучено е секој од синдикатите учесници да поднесе извештај за состојбите во матичните земји. Така и СФДМ ја извести Светската организација на работниците за особеностите на социјалниот дијалог во Македонија. Пренесуваме делови од известувањето на Гоце Селовски до WOW, во кое воедно е испратена поканата наредниот семинар да се организира во Македонија.

“Проблемите првенствено се однесуваат на немањето разбирање на постојната Влада за проблемите на работниците. Во последно време во Република Македонија не се почитува законски предвидениот социјален дијалог. Како пример можам да ги наведам Измените и дополнувањата на Законот за работни односи, со кои значително се скратуваат правата на работникот. Друг пример е новодонесениот Закон за задолжително социјално осигурување, каде се предвидени промени кои се однесуваат на единствена контрола на придонесите од работен однос во рамките на еден орган. Ова законско решение ја враќа Република Македонија во доцните 80 – ти години на 20. век.

Следен и можеби најголем проблем е донесувањето на клучните закони од трудово – правната област во итна постапка, без претходна консултација со социјалните партнери и преку ноќ. Додека Синдикатот ги разгледува предложените измени и дополнувања на законите, Собранието веќе ги донесува. Со вакво однесување на Синдикатот му се оневозможува да ги изнесе своите предлози и забелешки, со што би се реализирало нормално функционирање на социјалниот дијалог. Од овие причини СФДМ, како дел на Сојузот на синдикатите на Македонија, учествуваше на протестот што се одржа на 14 ноември во Скопје, на кој беа презентирани соодветни барања.

Во финансискиот сектор најголем проблем со кој се соочува СФДМ е непостоењето на социјален дијалог меѓу социјалните партнери – Синдикатот и Здружението на банки. Во изминатиот период (2995 – 2009 година) СФДМ вложи огромни напор за заживување на социјалниот дијалог, како што се:

И покрај сите напори на СФДМ до денес не е остварена средба со социјалниот партнер и, за разлика од повеќето дејности, во финансискиот сектор недостасува социјален дијалог и не е склучен колективен договор.

Сметаме дека ваквата состојба е неприфатлива и дека содржи елементи на еден вид неодговорност во исполнувањето на условите за прифаќањето на европските стандарди на полето на социјалниот дијалог, како општо признат и прифатен инструмент во решавањето на прашањата од работната и економско – социјалната сфера.

Сакаме да побараме ваша помош и поддршка за решавање на проблемот со воспоставување на социјален дијалог во финансискиот сектор во Република Македонија.“