ЗАКОН ЗА МОДЕРНО РОПСТВО ВО 21. ВЕК

Печати

5.08.2008

Македонија ќе тоне и понатаму ако работниците се остават на милост и немилост на газдите. Погрешна е проценката дека рестриктивниот Закон за работни односи ќе создаде поволна бизнис клима...

 

Сојузот на синдикатите на денешната конференација за печат уште еднаш реагира на штетноста на Законот за измени и дополнувања на Законот за работни односи. Го повторуваме нашиот став дека законот е на штета на работниците, кои се оставаат во милост и немилост на газдите и кои се третираат како модерни робови, истакна портпаролот на ССМ Пецо Грујовски.

Додека секаде во светот се оспорува дивиот капитализам, во Македонија се носат прописи за негово системско инсталирање. Под маската на економскиот либерализам се донесоа измените во Законот, со кој уште повеќе се нагласува апсолутната власт на газдите и апсолутната немоќ на работниците.

Погрешна е проценката дека со вакви закони, со либерални прописи, ќе се привлечеле странски инвестиции. Во светот владеат обратни процеси – најдобрите економии се оние каде работниците се заштитени и каде постои висок степен на социјална заштита. Земјите со системска заштита на работниците денес имаат најорганизирани и најпросперитетни економии. Една држава не може да оди напред ако не се грижи за творците на материјалните добра – работниците и сите граѓани. Во едно сме сигурни – Македонија ќе тоне ако работниците се остават на милост и немилост на газдите.

Грујовски ги нагласи најзначајните проблеми што ги носи законот. Прво, измените во Законот за работни односи генерално се неповолни за работниците во Македонија и значат скусување на нивните права кои досега ги уживаа.

Второ, претседателот на државата не смее да потпише указ за прогласување на закони кои не се донесени во соодветна процедура.

Трето, бараме во иднина при донесувањето на законите од интерес на работниците да има јавна расправа, да се расправа во Економско – социјалниот совет, Владата, собраниската Комисија за труд и социјална политика и дури потоа да се најдат на дневен ред на Собранието.

Четврто, секоја сериозна влада не смее да дозволи да предлага закони прекутрупа и на препад.

Петто, во интензивните разговори со работниците и работодавачите заедничка е оценката дека при донесувањето на измените не беа согледани последиците од намалувањето на правата на работниците.

Се обраќаме до позицијата која од народот доби апсолутно мнозинство и ја потсетуваме дека овие скусувања на правата ќе ги погодат и нивните избирачи, кои се членови на синдикатите, нагласи Грујовски. Се обраќаме и до опозицијата и ја предупредуваме дека не смее да си дозволи да биде надвор од собраниските клупи при донесување на вакви значајни закони. Се обраќаме до позицијата и опозицијата еднаш да престанат со меѓусебните пресметки и обвинувања – да престанат едните на другите да им го “осветлуваат минатото“, бидејќи така само ни ја затемнуваат иднината.

Она што најмногу не изненади овие денови се објаснувањата на поранешниот министер за труд, кој изјави дека: ова се мал дел од измените што ги направивме по препорака на Светската банка, за подобрување на бизнис климата. Кога ќе дојдат на ред комплетни измени ќе разговараме со социјалните партнери и можеби ќе ги вметнеме нивните забелешки. Ова е навистина апсурдна изјава и зачудува како сите министри при секоја измена на законот за работни односи ја научиле оваа фраза напамет и на јавноста и објаснуваат дека со измените ќе се подобри бизнис климата во државата.

До каде не доведе скусувањето на работничките права јавноста многу добро знае. Значи ли ова дека министерот кога сака ќе ги вклучи во преговори синдикатите и работодавачите. Но без оглед на коментарите кои треба да ја уверат јавноста и работниците дека нивните права не се намалуваат, уште еднаш да ги повториме нашите забелешки, изјави Грујовски.

Дали е подобро решение продолжувањето на договорот за вработување на одредено време да се продолжи од четири на пет години. ССМ смета дека и четири години се предолг период за работникот.

Дали е подобро решение при отказ од деловни причини работодавачот да не му понуди нов договор за вработување под променети услови (преквалификација и доквалификација), како што беше досега.

Дали е подобро решението за работникот кога работодавачот може да го отпушти како технолошки вишок, за другиот ден веднаш да прими друг работник. Досега тоа можеше да го направи најмалку една година по отпуштањето.

Дали е подобро решение за работникот правото на годишен одмор да биде најмалку 20 дена и зависно од волјата на работодавачот тој да му дозволи користење на максимум 26 дена. Ако власта тврди дека со измените ништо не се губи прашуваме зошто не остана на старото решение во кое децидно стои дека “работникот има право на годишен одмор во траење од 20 до 26 работни дена.“

Дали е подобро решение за работникот правото на годишен одмор, што е неотуѓиво право од кое вработените не можат да се откажат, со измените работодавачот да може да ни го скрати тоа право, а за возврат да ни даде минимално обесштетување.

Дали е подобро решение за работникот да може да работи ноќна смена најдолго една недела, како што беше досега, или пак со измените работодавачот да може да му наложи на работникот неограничено да работи трета смена.

Отворено прашуваме дали се ова нивните “поповолни решенија“. Не може да се верува на нивната фраза дека измените ќе ја подобрат бизнис климата и ќе придонесат за поголема флексибилност, со што ќе се создаделе услови за нови вработувања.

Во овој контекст ССМ има конкретен предлог: ако им е толку до нови вработувања работната недела од 40 нека се намали на 35 - часовна недела. Математички пресметано, 260.000 вработени по осум часа дневно создаваат 2.080.000 часа. Со седумчасовно работно време се јавува разлика од 260.000 часа дневно, со што се создаваат 37.142 нови вработувања. Настрана што оние кои ќе работат седум часа ќе бидат попродуктивни.

ССМ смета дека власта треба да го сврти вниманието кон почитување за законите. Поставуваме едно прашање: дали знаат како и под кои услови работниците во приватниот сектор користат годишен одмор?

Портпаролот Грујовски истакна дека покрај ССМ и сите медиуми во Македонија ја сфатија сериозноста на измените во Законот за работни односи и објективно ја алармираа јавноста. Сериозни реакции се пристигнати и од Меѓународната конфедерација на слободни синдикати, од Европската конфедерација на синдикати и од Меѓународната организација на трудот. Од Меѓународната конфедерација на слободни синдикати е најавено дека е лошо донесување на закони без дијалог со социјалните партнери, практично без учество на синдикатите, и дека ќе се направи се што е во нивна моќ да се помогне во овие процеси во Македонија.