ЗАЕДНИЧКИ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА БАНКАРИТЕ ОД ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

Print
There are no translations available.

02.07.2008

Синдикатите од финансискиот сектор од Македонија, Хрватска, Црна Гора, Б и Х - Република Српска, Србија и Бугарија во Охрид се договорија да водат заеднички проект за изработка на еден колективен договор. Во ЈИЕ ова е прв меѓународен проект од ваков вид...

 

Да се формира заеднички експертски тим од синдикатите од финансискиот сектор од Македонија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Б и Х – Република Српска и Бугарија, со цел да се изработи единствен колективен договор за овие земји. Тоа е одлуката од Втората меѓународна конференција на Синдикатите од финансискиот сектор, што се одржа на 28 јуни во Охрид.

Идниот колективен договор е прв од ваков вид во Југоисточна Европа. Идејата за заеднички колективен договор потекна пред една година во Белград, на Првата Конференција на синдикатите на банките и финансиските организации на ЈИЕ.

Посебно е значајно што на Конференцијата во Охрид присуствуваа и членки на Синдикатот на финансиските организации на Македонија. Познато е дека Синдикатот на финансиските дејности (СФДМ) е членка на Сојузот на синдикатите на Македонија, додека Синдикатот на финансиските организации (СФОМ) е членка на Конфедерацијата на слободни синдикати.

Со апсолутно почитување на самостојноста и на ставовите на двата синдикати, сметам дека е време да почнеме да соработуваме во интерес на вработените во финансиските институции. Ме радува што претставници од двата синдикати, кои припаѓаат на две синдикални организации, се најдоа на исто место. Ако пет земји наоѓаат заеднички интерес и сметаат дека е можно да се донесе важечки меѓународен документ, тоа сигурно го можат СФДМ и СФОМ во Македонија – вели Гоце Селовски, претседател на Синдикатот на финансиските дејности на Македонија.

Банкарските синдикати сметаат дека колективниот договор ќе има поголема тежина и важност поради меѓународниот карактер. Експертскиот тим има задача да ги обработи постојните колективни договори на банкарите од шесте земји и на нивна основа да изработи еден универзален. Се очекуваат тешкотии поради различните услови (законодавства, политичка ситуација, најниски плати, работодавачи), но банкарските синдикати најавија дека на наредната нивна конференција, во јуни 2009 година, проектот ќе биде комплетиран и усвоен.