ВЛАДАТА ГИ НАМАЛУВА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА

Print
There are no translations available.

21.01.2008

Раководителот може да брка и да прима работници кога сака, да одредува плата по свое наоѓање без никому да одговара. Тоа е само дел од несфатливото укинување на правата на вработените во јавниот сектор, ставено црно на бело во незаконскиот колективен договор на Министерството за труд и Конфедерацијата на слободни синдикати...

 

На еден министер не му доликува да шири лаги, дезинформации и да ја замајува целата јавност. Љупчо Мешков тоа упорно го прави и понатаму, изнесувајќи секакви измислици и невистини, поради што повторно бараме негова оставка, истакна портпаролот на Сојузот на Синдикатите на Македонија Пеце Груевски на денешната конференција за печат, на која зборуваше за несфатливиот обид за скусување на работничките права од минатата недела.

Дали оваа Влада го елиминира секого кој ќе и се спротивстави?, праша Груевски, образложувајќи го однесувањето на Владата. Отпрво бараше податоци за бројот на членството, потоа податоци за платена членарина. ССМ и гранските синдикати ги доставија сите податоци, но незаконските игри за елиминирање на ССМ како потписник продолжија. Тука е барањето за нов упис во регистерот за синдикати, што за нас е неприфатливо, затоа што организацијата постои веќе шест децении.

Споредбата на решенијата на кои инсистира Сојузот на синдикатите веќе две години, со она што го потпишаа Министерството за труд и Конфедерацијата на слободни синдикати, се вклопува во намерата на Владата да ги скуси правата на вработените во оваа земја. ССМ пред две години, поточно на 13 јануари 2006 година понуди предлог на Општ колективен договор за јавниот сектор. Во меѓувреме Владата најде свој синдикат и почна со игрите за игнорирање на Сојузот на синдикатите.

Кои права се поништени во колективниот договор што го потпишаа Министерството и Конфедерацијата на слободни синдикати? Прво, таму стои дека колективниот договор се однесува на правните лица кои се финансираат од буџетот. Така е создадена огромна дупка за низа други дејности: фондовите, комуналните претпријатија, јавните претпријатија. Тие воопшто не се споменати во колективниот договор на Министерството и КСС.

Второ, ССМ утврди критериуми за отказ од деловни причини, додека таму не се споменати никакви критериуми. Тоа значи дека  работодавачот нема никакви ограничувања во давањето откази, значи може да дава откази и да прима кого сака.

Трето, во нашиот предлог се задржани коефициентите на сложеност, во распон од еден спрема три, додека таму воопшто ги нема. Така раководителот е слободен да одредува плати како што сака. Понатаму, во нашиот предлог е вграден дел од платата за деловна успешност, додатокот на плата за работа во недела (50 отсто, додека  таму е 35 отсто). Ние инсистираме надоместокот за штрајк да биде полна плата за штрајк до пет дена, додека во потпишаниот документ никаде не се споменува плаќање за време на штрајк. Според нив превозот и исхраната треба да се утврдуваат со анекс. Не  се споменува ни надомест за годишен одмор, ни новогодишен надомест, ни плата за време на принуден одмор.

Се потврдува политиката на Владата за укинување на надоместоците. Таков обид еднаш направија, но не успеа поради силниот отпор од наша страна, објасни Груевски.

За незаконското потпишување на Општиот колективен договор најостро реагираат вкупно десет синдикати од ССМ, кои имаат членови вработени во јавниот сектор.

Крајно револтирани се и другите синдикални централи, меѓу кои се Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, Мултиетничкиот синдикат за образование. Кон крајот на неделата најверојатно ќе одржиме заедничка конференција на оваа тема, најави Груевски.