ПИСМО УПАТЕНО ОД РСС „СОЛИДАРНОСТ“ ДО САМИТОТ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Печати

27.8.2015

Регионалниот Синдикален Совет „Солидарност“ по повод Самитот за Западен Балкан, кој се одржува во Виена на 27.8.2015 година, на кој учествуваат лидери од регионот и ЕУ и каде основна тема е да се поттикне европскиот пат на регионот и да се обиде да се најде решение за проблемот со мигрантите, упатува апел до Комесарот на Европа, Јоханес Хан.

Регионалниот Синдикален Совет „Солидарност“ е организација која ја сочинуваат синдикални централи од регионот на поранешна Р. Југославија и тоа: Сојузот на самостојни синдикати на Босна и Херцеговина, Сојузот на синдикати на Црна Гора, Унијата на слободни синдикати на Црна Гора, Сојузот на самостојни синдикати на Хрватските, Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Сојуз на самостојни синдикати на Словенија и Унијата на независни синдикати на Србија- Независност.

Регионалниот совет претставува слободна форма на соработка која овозможува комуникација помеѓу синдикатите, врз основа на нивната независност и еднаквост, за различни проблеми во сферата на синдикатот и размена на искуства и добри практики во нивно решавање. Претседавањето со Регионален совет секоја година е различно, во зависност од седиштето на синдикатот.

Оваа година претседавањето е доделено на синдикатите од Р. Македонија, а за претседавач е избран д-р Живко Митревски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Во продолжение Ви го пренесуваме во целост апел писмото од РСС „Солидарност“ упатено до Комесарот на Европа, Јоханес Хан:

Почитуван господин Комесар,

Во пресрет на Конференцијата за Западен Балкан која се одржува оваа недела во   Австрија, дозволете ми да Ви се обратам од името на членовите на Регионалниот Синдикален Совет (РСС) „Солидарност“: Имајќи ги во предвид далекусежните последици од мигрантската и бегалската криза, а особено од социо- економски аспект, ја изразуваме својата загриженост за начинот на нејзино решавање од страна на меѓународната заедница. Во интерес на почитување на Европската Повелба за човекови права, солидарност и хуманост, цениме    дека членките на Европската Унија треба поинтензивно да ги искажат овие вредности и   финансиски и оперативно да помогнат на земјите кои се соочуваат со огромниот број на мигранти бегалци, особено Р. Македонија и Р. Србија кои не можат самостојно да се справат со оваа криза. Исто така очекуваме Европската Унија поактивно да се вклучи во решавањето на проблемите поврзани со невработеноста, особено невработеноста кај младите луѓе, разрешување на економската криза и унапредување на социјалниот дијалог.

Почитуван г. Комесар,

РСС Солидарност ја поздравува оваа конференција и синдикатите, членки на „Солидарност“, упатувајќи го овој апел, ја изразуваат својата подготвеност и искуство да се вклучат во справувањето со кризата и искрено се надеваат дека оваа конференција ќе претставува еден вид придонес за справување со истата и ќе овозможи понатамошен прием на земјите кои не се членки на ЕУ.

Солидарен поздрав,
Претседавач на РСС “Солидарност“
д-р Живко Митревски