28 АПРИЛ - СВЕТСКИ ДЕН ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА

Печати

 

27.4.2015

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) традиционално и оваа година ќе го одбележи 28 април- Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

Безбедноста и здравјето при работа е основно и исклучително значајно право од работен однос. Остварувањето на правото на безбедност и здравје при работа, е едно од приоритетните заложби на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во претходниот период направи историски измени на Законот за БЗР кога во 2014 година ја покрена иницијативата за измени и дополнувања на Законот за БЗР во рамките на одбележувањето на Први Мај – Меѓународниот ден на трудот, со започнувањето на Кампањата: „За безбедни работни места".

Суштината на предложените Измени и дополнувања на Законот за БЗР обезбедија активна улога и му дадоа соодветно значење на претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат и претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа, при преземањето на мерки и активности за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа во работните средини а за работодавачот тоа значеше обврска веднаш писмено да ги извести претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат, претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа и претставникот на вработените за информирање и консултирање, за секој смртен случај, колективна несреќа, повреда при работа која предизвикува времена неспособност за работа во траење повеќе од 3 работни дена, како и за секоја појава која претставува непосредна опасност и ја загрозува безбедноста на вработените при работа.

Целосното и навремено консултирање и соработка со овие лица придонесе за унапредување на условите за безбедност и здравје при работа, особено при планирање и набавка на опрема или воведување на нови технологии за работа, задолжително и навремено информирање на синдикалните претставници за секој вид на ризик на работните места и консултирање во врска со мерките за контрола на ризиците и елиминирање на штетните последици.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) активно ќе соработува со сите организации, здруженија, институции, инспекторати, од земјата и странство, со организациите на работодавачите, со социјалните партнери на сите нивоа, научната и стручната јавност како би се реализирал мобилен и унапреден синдикален систем за заштита на основното право на здрав и безбеден живот и здрави и безбедни услови за работа.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и понатаму ќе се залага да ја подобри соодветната регулатива, да го подобрува степенот на имплементација на истата во сите компании и работни места, како и да го подобрува степенот на лична и колективна заштита на работните места.

Воедно, ССМ се приклучува кон одбележувањето на 28ми април- меѓународниот „Меморијален ден" – од страна на Европската конфедерација на синдикати (ETUC) и Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) кога синдикатите се сеќаваат на сите оние кои починале како резултат на несреќите при работа или како резултат на професионалниte болести. Меѓународната тема за 2015 година е отстранување на изложеностите на опасни супстанции.