ПОГОЛЕМА ИНФОРМИРАНОСТ НА ОСИГУРЕНИЦИТЕ ЗА ПЕНЗИСКИ СТАЖ

Печати

 

Информација за медиумите

27.1.2015

27.01.2015 img1Сојузот на синдикатите на Македонија го смета за исклучително значаен проектот предвиден во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои има за цел зголемување на  информираноста на осигурениците за правата од пензиско и инвалидско осигурување,  во кои се воведува обврска на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија на почетокот на годината да доставува податоци за стаж на осигурување и плати за секој осигуреник.

За почеток овие податоци ќе се доставуваат преку работодавачот кој е и обврзник за доставување на податоци кои се водат во матичната евиденција на Фондот, а од јуни 2015 година ќе се овозможи  електронски пристап во увидот на податоците. Во текот на целиот процес ќе се применуваат прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци.

Имено, согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување Фондот изготвува  преглед  со  податоци од матичната евиденција на осигурениците за секој осигуреник кој е пријавен во задолжително социјално осигурување два пати годишно и тоа најдоцна до 15 февруари и најдоцна до 15 јули секоја година. Фондот во рок од три дена прегледот за плати и стаж го доставува до обврзникот за пријавување на податоци, самовработеното лице или индивидуалниот земјоделец во хартиена форма или во електронска форма согласно прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци. По добивањето на прегледот работодавачот кој е обврзник за пријавување на податоците, е должен веднаш на осигуреникот да му го достави прегледот во хартиена или електронска форма согласно прописите со кои се уредува заштитата на личните податоци.

За самовработените лица и индивидуалните земјоделци прегледите ќе се доставуваат на адреса која лицата ја доставиле при воспоставување на приемот во задолжително пензиско и инвалидско осигурување.

Преку овој начин на информираност на осигурениците за податоците за стаж на осигурување и плати ќе се овозможи:

Осигуреникот ќе има увид во податоците за неговите плати и стаж на осигурување, особено во делот дали е пријавен со полно работно време или помалку од полното работно време и дали му се плаќа придонес за пензиско и инвалидско осигурување на најниска основица или на реално исплатена плата.

Преку овој начин на информираност дополнително ќе се зголеми ефикасноста во донесувањето на решенијата за права од пензиско и инвалидско осигурување, бидејќи податоците за стаж и плати ќе бидат целосни и точни што ќе претставува добра основа за брзо одлучување за правото и висината на висината на пензијата.

Доставувањето на преглед  со  податоци од матичната евиденција на осигурениците за секој осигуреник кој е пријавен во задолжително социјално осигурување започна од 15 јануари 2015 година, со доставување на прегледи со податоци на 60.000 осигуреници вработени кај 31 обврзници (работодавачи - најголеми обврзници). Податоците им се доставени на ЦД ( криптирани) и по е- маил. Во тек е натамошно доставување на прегледите кај сите останати осигуреници.

Во имплементацијата активно ќе се вклучи и Сојузот на синдикатите на Македонија.