ПРОГРАМА ЗА РЕФОРМИ ВО ВРАБОТУВАЊЕТО И СОЦИЈАЛНАТА ПОЛИТИКА

Печати

17.12.2014

На 17 декември 2014 година во Скопје, во Музејот на македонската борба, се одржа Иницијалниот состанок со кој се одбележа официјалното отпочнување и промовирање на новиот механизам на социјално- економскиот дијалог помеѓу Република Македонија и Европската унија, со што ќе се обезбеди нова фаза во односите и интензивирање на дијалогот помеѓу Европската комисија и Република Македонија, како земја кандидат за членство во Унијата.

Слика 1. Претседателот д-р Митревски на Иницијалниот состанокСлика 1. Претседателот д-р Митревски на Иницијалниот состанок

На овој состанок присуствуваа г. Диме Спасов, Министер за труд и социјална политика, г. Фатмир Бесими, Заменик на Претседателот на Владата на РМ за европски прашања, претставникот на Европската комисија, г. Томас Бендер, Раководител на одделение, генерален директор за вработување, социјални прашања и инклузија и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски како и претставник на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија други претставници од работодавачите, Агенцијата за вработување во Р. Македонија, Министерство за финансии итн.

Слика 2. Присутни на состанокотСлика 2. Присутни на состанокот

Во рамките на овој процес значително ќе се интензивира дијалогот по однос на програмите, политиките и реформите кои е потребно да се спроведат во областа на пазарот на труд, вработувањето, образованието и социјалната политика, при што заеднички во соработка со Европската комисија, ќе се подготви еден значаен стратешки документ, т.н. Програма за реформи во вработувањето и социјалната сфера.

Од страна на Европската комисија подготовката на документот е предвидена како еден стратешки процес, кој ќе го следи и придружува процесот на Европска интеграција на земјите- кандидати, како главен механизам на взаемен дијалог за приоритетите во областите на социјална политика и вработување и кој ќе биде структуриран согласно моделот на Стратегијата „Европа 2020“. Во изминатиот период Европската комисија веќе го иницираше овој процес на подготовка на Програмата за реформи во вработувањето и социјалната сфера (ЕЅКР) со земјите- кандидати со кои се отпочнати преговорите за членство во ЕУ - Турција, Србија и со Црна Гора.

Министерот за труд и социјална политика,  Диме Спасов се обрати на Иницијалниот состанок со кој се одбележа официјалното отпочнување и промовирање на новиот механизам на социо- економскиот дијалог помеѓу Република Македонија и Европската унија.
 
Слика 3. Претседателот д-р Митревски на своето обраќањеСлика 3. Претседателот д-р Митревски на своето обраќање

На состанокот свое обраќање имаше и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски кој ги истакна предизвиците и приоритетите на ССМ при креирање на политиките и мерките во Програмата за реформи во вработувањето и социјалната политика.

Претседателот д-р Митревски, истакна дека  „Сојузот на синдикатите на Македонија, со појавата на првите знаци на кризата, до Владата на Р. Македонија достави свои конкретни предлози и барања кои се однесуваа на субвенции за плати и работни места, како мерка насочена кон стопанството за зачувување на работни места и спречување на намалувањето на бројот на вработените, зголемување на инвестициите во инфраструктурата, истражувањето и развојот, јавните услуги и производството на здрава храна, што ќе овозможи отворање на нови работни места, воведување што повеќе програми за јавна работа, воведување на програми за вклучување на неформалната економија и работењето на црно во сферата на формално работење и вработување, промовирање на инвестирањето во човечките ресурси и овозможување подобри прилики и овозможување на стекнување нови вештини на работниците од сите старосни групи, воведување на повеќе услови за пензионирање, како еден од начините и можностите за вработување на млади лица.

Во овој контекст согласно Програмата за работа на 18. Конгрес на ССМ, стекнатите искуства од досегашната реализација на едукативните активности во ССМ, и потребата од нивно натамошно координирано одвивање, развивање и приспособување на новите услови, стандарди, потреби и интереси на ССМ и синдикатите, ССМ  е во фаза на формирање на Центар односно Институт за обука и едукација.

Исто така истакна дека заложбите на ССМ ќе бидат високо ценети од страна на европските партнери и дека истите нема да бидат само декларативни, односно соработката ќе биде на едно високо ниво што значи дека европските партнери при спроведување на проектите ќе ги користат услугите на Центарот.

На крајот тој ја поздрави и поддржа идејата на Европската комисија да не вклучи во еден ваков вид на механизам на економско- социјален дијалог помеѓу Република Македонија и Европската унија.