ОДБЕЛЕЖАН 7 ОКТОМВРИ, СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА ПРИСТОЈНА РАБОТА

Печати

7.10.2014
Слика 1: Претседател на Секцијата на млади, м-р Лидија Насковска, претседател на Секцијата на жени, Елизабета Гелевска и претставник од МТСП, Горан ВелевскиСлика 1: Претседател на Секцијата на млади, м-р Лидија Насковска, претседател на Секцијата на жени, Елизабета Гелевска и претставник од МТСП, Горан Велевски

Денес во просториите на Сојузот на синдикатите на Македонија во организација на Секцијата на млади и Секцијата на жени при ССМ се одржа Трибина по повод 7 октомври- Светски ден за пристојна работа на тема „Основни принципи врз кои се темели пристојната работа“.

На трибината покрај претставниците од секцијата на жени и секцијата на млади при ССМ учествуваше претставник од Министерството за труд и социјална политика, Горан Велески.

Пристојната работа е во фокусот на вниманието на синдикатите, не само во нашата земја, туку ширум светот и е нивна постојана заложба. Воедно, во организација на Меѓународната конфедерација на синдикатите- ИТУЦ, на овој ден се води заедничка кампања на националните синдикати ширум светот за пристојната работа, со посебен фокус „Стоп на несигурната работа“.

Меѓународната организација на трудот- МОТ, владите, организациите на работодавачи и синдикатите ја сфаќаат пристојната работа како извор на лично достоинство, семејна сигурност, мир во заедницата, демократија која што се исполнува и економски раст кој ги зголемува можностите за продуктивни работни места и развој на претпријатијата, а со тоа и на националните економии. Едновремено таа претставува и клучен елемент за постигнување на фер глобализација и намалување на сиромаштијата.
Светот денес се соочува со „дефицит” на пристојна работа. Под ова се подразбира невработеноста и недоволната ангажираност, слаб квалитет и непродуктивни работни места, несигурна работа и несигурна плата, непочитување на правата и родова дискриминација.

Пораката на ИТУЦ воедно е порака на денешната трибина, продолжување на борбата за да се ограничи несигурната работа преку законодавството и колективните договори. Тие играат клуча улога во ублажувањето на несигурното вработување и подобрување на условите за привремена работа, работното време и агенциските работици, истакна претседателот на Секцијата на жени во ССМ, Елизабета Гелевска.

Слика 2: Учесници на трибинатаСлика 2: Учесници на трибината

Од страна на претседателот на Секцијата на млади во ССМ, м-р Лидiја Насковска, беше презентирана темата на денешната трибина, при што таа посебно се задржа на Идејата и концептот за пристојна работа со што истакна дека „Пристојната работа и нејзиниот концепт произлегуваат од Меѓународната организација на трудот, промовирани во 1990 година, на 87– та Меѓународна конференција на трудот. Се заснова врз сфаќањето дека работата е извор на лично достоинство, демократија и општ економски раст во заедницата. Пристојната работа е клучен елемент за постигнување на фер глобализација и намалување на сиромаштијата. Исто така идејата за пристојна работа е прифатена на Светскиот самит на Обединетите нации, во 2005 година, потоа од Економско- социјалниот совет на Обединетите нации (ЕЦОСОС) во 2006 година а на Светскиот социјален форум одржан во Најроби е покрената кампања „Пристојна работа, достоинствен живот“ (2007 год.) и 7- ми Октомври е прогласен за Светски ден за пристојна работа“.

Меѓународната конфедерација на синдикатите (ИТУЦ) од 2008 година, 7 Октомври го прогласи и го одбележува како Меѓународен ден за пристојна работа, или за достоинствен труд. Преку 100 земји во светот денеска го одбележуваат Светскиот ден за пристојна работа.

Младите и жените на денешната трибина можеа да слушнат и да добијат информации за тоа што значи за пристојна работа , кои се принципите на пристојна работа, како и заложбите и активностите кои што ССМ ги има направено во изминатиот период, за да ја подобри состојбата на работниците и воедно да им обезбеди пристојна работа и достоинствен труд.

Трибината заврши со пораката „Стоп за несигурната работа“ и продолжување на активностите за имплементирање на пристојната работа преку законодавството и колективните договори во сите работни средини, не само во нашата држава туку и насекаде во светот.