РАБОТНА ПОСЕТА НА РАКОВОДСТВОТО НА ССМ ВО ПРИЛЕП

Печати

25.07.2014

25.07.2014-foto1Слика 1: Претседателот Митревски со раководството на АД „Витаминка“-Прилеп

Продолжува посетата и работниот ангажман ова лето на раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски на ден 25.7.2014 година имаше работна посета на РСП Прилеп. Целта на посетата што е карактеристика за работниот ангажман ова лето на ССМ беше спроведувањето на колективните договори и кампањата за безбедност и здравје при работа. Во рамките на работната посетата беше и посетата на АД „Витаминка“- Прилеп, еден од најзначајните стопански капацитети во Прилеп и во Република Македонија.

На состанокот во АД „Витаминка“ Прилеп, од страна на претседателот на бордот на директори, Симон Наумоски и извршниот директор, Сашо Наумоски, беа презентирани активностите на овој прехранбен капацитет и еден од примерите за реализација на правата утврдени во работното законодавство и во колективното договарање. Ова претпријатие претставува еден од лидерите во остварувањето на корпоративната општествена одговорност и во спроведувањето на сите права утврдени во колективните договори, вклучително и во однос на исплаќање на регресот за годишен одмор и спроведување на мерките за БЗР при работа. Од страна на менаџментот на ова претпријатие, беа презентирани и развојните перспективи како и новите инвестиции поврзани со отворање на нов погон и презентирање на најсовремена машина за изработка на чоколадо.

На разговорот беше констатирано дека социјалниот дијалог во рамките на ова претпријатие функционира на највисоко ниво и е еден од најпозитивните примери кои покрај останатото придонесува за развојот на ова претпријатие. Инаку во рамките на АД „Витаминка“- Прилеп вработени се некаде околу 600 вработени.

25.07.2014-foto2Слика 2: Претседателот Митревски во посета на Подружницата „Црн Бор“- Прилеп

Во рамките на работната посета претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски и секретарот на РСП Прилеп, Лазар Ангелески, остварија работна посета и во Подружницата „Црн Бор“ која функционира во рамките на ЈП „Македонски шуми“- Скопје. На овој состанок од страна на претседателот на ССМ, воедно и претседател на Синдикатот за шумарство, дрвна индустрија и енергетика на Македонија, д-р Живко Митревски, вработените од Подружницата беа информирани за новите активности во рамките на ЈП „Македонски шуми“ од Скопје, како и активностите на синдикатот во делот на измените и дополнувањата на Колективниот договор за вработените во ЈП „Македонски шуми“. Посетата во Прилеп беше искористена и за разговори околу реализација на кампањите на ССМ за спроведување на мерките за БЗР, спроведување на социјалниот дијалог на локално ниво и спроведување на колективното договарање.