ОДРЖАНА 23-ТАТА СЕДНИЦА НА ЕКОНОМСКО СОЦИЈАЛНИОТ СОВЕТ

Печати

24.07.2014

24.07.2014-foto1Слика 1: Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски и претседателот на СИЕР, Пеце Ристески на денешната седница на ЕСС

Социјалните партнери членки на Економско социјалниот совет, на ден 24.07.2014 година во просториите на Министерството за труд и социјална политика ја одржаа 23-тата Седница на Економско социјалниот совет на оваа трипартитно тело посветена на неколку клучни закони.

На седницата беа разгледувани предлог измените и дополнувањата на Законот за работни односи, Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Законот за здравствено осигурување, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

На оваа седница се дискутираше околу измената предвидена во Предлог Законот за работни односи каде работникот може со писмена изјава да побара продолжување на договорот за работа и по навршување на 62 односно 64 години на живот и тоа најмногу до 65 години на живот за жени и 67 години на живот за мажи. Во ваков случај работодавачот има обврска да го продолжат договорот до возраста за која работникот бара продолжување.

Изјаснувањето на работниците се врши со писмена изјава која работникот писмено ја доставува најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување.

Со измените на ЗРО исто така се дефинира објавувањето на јавните огласи, можноста за објавување по електронски пат, евиденција на истите во Агенцијата за вработување на Р. Македонија, како и задолжителните елементи кои јавниот оглас мора да ги содржи.

Исто така со овој Закон се воведува и основот за плаќање на придонеси од задолжително социјално, пензиско и инвалидско осигурување за лицата вработени на договор за дело и авторски договори, како и пријавувањето на работникот на задолжително социјално осигурување еден ден пред работникот да стапи на работа, а за итни и неодложни работи истиот ден кога работникот стапува на работа.

Измените на повеќето Закони беа образложени од страна на претседателот на ЕСС и Министер за труд и социјална политика, Диме Спасов како и од страна на Министерот за економија, Бекир Незири.

Од страна на претставниците на ССМ во ЕСС, претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски и претседателот на СИЕР, Пеце Ристески, беше пренесен ставот на претседателството на ССМ по вчерашната одржана Седница на Претседателство на ССМ, дека ССМ ги подржува ваквите измени. Истите се резултат на договорот помеѓу синдикатот, Владата и работодавачите, со што се елиминира задолжителниот пристап и со фер решение му се овозможува на работникот самиот да одлучи дали ќе го продолжи работниот век.

Исто така и од страна на останатите социјални партнери беше поздравено донесувањето на законите со понудените решенија. Во однос на останатите прашања поврзани со повеќе закони, беше донесен заклучок истите да се разгледуваат на комисиско ниво во рамките на ЕСС.