Трет светски конгрес на ИТУЦ

Печати

17-24.05.2014

24.05.2014-foto10Слика 1. Шаран Буроу, генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати – ИТУЦ на Kонгресот

Во периодот од 17 до 24 мај 2014 година се одржа Третиот светски конгрес на Меѓународната конфедерација на синдикати– ИТУЦ на кои за првпат Сојузот на синдикатите на Македонија имаше свои претставници. На Конгресот присуствуваа д-р Живко Митревски, претседател на ССМ и м-р Лидија Насковска, советникот на претседателот за проекти и ЕУ интеграции.

Еднонеделниот состанок на најголемото демократско движење во светот, заврши со реизбор на Шаран Буроу како генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати – ИТУЦ, претставена од 170 милиони работници низ целиот свет.

Учесниците силно се посветија на: проширување на членството на синдикатите, да се поддржи минималната плата и да се продолжи со борбата против „модерното ропство“. На Конгресот беа донесени итни резолуции за Турција, по катастрофата во Рудникот „Сома“ и Резолуција за Тајланд, каде што вооружените сили ја преземаа власта со државен удар. Основна заложба од страна на генералниот совет на ИТУЦ е да се помогне во изградбата на демократски независни синдикати во арапскиот свет.

Шаран Буроу освои 87% од гласовите, наспроти предизвикувачот Џим Бејкер и стана актуелен шеф на Советот на Меѓународната конфедерација на синдикати – ИТУЦ чиј мандат ќе трае сé до 2018 година. Таа во нејзиното обраќање пред делегатите на Конгресот истакна дека „ова не е гласање за една личност, туку за една агенда за изградба на работничката моќ од целиот свет“. Исто така, нагласи дека агендата за овој Конгрес ја избраа работниците од целиот свет. Тие сакаат сигурни работни места и пристојна минимална плата, да се скроти моќта на корпорациите. Тоа е амбициозна агенда , продолжи таа, „но со работењето заедно на локално и на глобално ниво ние ќе го направиме тоа. Светот се потпира врз нас“.

Јао Антонио Фелицио од Синдикатот CAT од Бразил беше избран за претседател на ИТУЦ, преземајќи го претседателското место од Мајкл Сомер, кој се пензионира и од ИТУЦ и од Синдикатот ДГБ Германија. Тој ги предводеше ИТУЦ и ДГБ 12 години.
Карл Пеетер Дорвалтсон од Синдикатот ЛО Шведска и Марја Фернанда Карваљо Франциско од Синдикатот на УНТА од Ангола беа избрани за потпретседатели на ИТУЦ, додека Јаап Винен и Велингон Чибебе ќе продолжат да работат како заменици- генерални секретари.

На Конгресот синдикатите ветија дека ќе организираат 27 милиони нови членови во текот на следните 4 години и ќе ја изградат работничката моќ, ќе стават крај на сиромаштијата и ниските плати во синџирот на мултинационалните корпорациски снабдувања.

Исто така, ќе останат посветени на продолжување на Кампањата против принудната работа, како што е демонстрирано од Акцијата на Синдикатот на Катар.
На Светскиот конгрес се усвоени три глобални акции: синдикален пораст, остварување на правата и сигурни работни места, кои се ставени во агендата на ИТУЦ за следните 4 години.

Додека траеше Конгресот, преку електронско гласање на листа од 9 извршни директори, беше именуван и најлошиот шеф на светот. Со над 20 илјади гласови за злоупотреба на правата на работниците, за непочитување на националните закони и за даночно затајување, беше избран Џеф Безос од САД, на страницата „Амазон“ која служи за тргување преку интернет, со 22% од вкупниот број на гласови. Истиот ден кога Безос ја доби наградата најлош шеф на светот, на неговиот портал објави план за користење на 10 илјади роботи кои ќе ги заменат работниците во неговите центри, од 2015 година. Оваа американска корпорација работи на глобално ниво со презир за достоинство и за правата на работниците.

Наредниот Конгрес на ИТУЦ ќе се одржи во 2018 година.