ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА БЗР И НАЈАВА ЗА АКТИВНОСТИТЕ ЗА 1-ВИ МАЈ

Печати

28.04.2014

28.04.2014-foto5Слика: Претседателот Митревски на денешната прес конференција

Денес, 28.04.2014 е Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

Сојузот на синдикатите на Македонија дава свој придонес во вкупните напори за унапредување и подобрување на едно исклучително значајно човеково право – правото на работа во безбедни и здрави услови, кое е и клучен фактор за општествен развој и напредок на Република Македонија, и на секоја земја ширум светот.

За жал, сé уште е широк просторот и сé повеќе произлегуваат предизвици за дејствување во унапредување на безбедноста и здравјето при работа, сé уште е голем бројот на несреќи и повреди, кои завршуваат и фатално, професионални заболувања поврзани со работното место. Со тоа, се зголемуваат трошоците за лекување на работниците, се исцрпуваат ресурсите на здравствените системи, се намалува продуктивноста, што е спротивно и на бизнис интересите и на целокупното општество.

Во оваа прилика потенцираме дека за безбедноста и здравјето при работа не се одговорни само работодавачите, туку, без исклучок, сите релевантни субјекти. Мора сите заедно да придонесуваме за издигнување на свеста и кај работниците и кај работодавачите за значењето на безбедноста и здравјето при работа.

ССМ и натаму интензивно ќе води активности и ќе инсистира на преземање мерки и на национално и на локално ниво кои ќе бидат во прилог на обезбедување на сигурни и здрави услови за работа за работниците, за подобрување на работната и животната средина, за безбедни и сигурни работни места.

Иако ССМ смета дека Законот претставува добра основа за креирање на целосен правен систем за безбедност и здравје при работа, анализите на практичната примена на законот, укажуваат дека има потреба од измени и дополнувања на законот кои ќе придонесат за негово допрецизирање и унапредување.

Особено е значајно да се прецизираат одредбите за улогата и значењето на претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат и претставникот на работниците за безбедност и здравје при работа.

Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски истакна дека за обезбедување безбедни и сигурни работни места, покрај претставникот за безбедност и здравје при работа од компанијата во спроведувањето на сите активности треба да биде вклучен и претседателот на синдикалната организација, преку кој ќе се обезбеди соодветно место во рамки на спроведувањето на сите активности согласно Законот за БЗР, почнувајќи од неговото присуство при донесување на плановите, изјавите, евиденциите, извештаите и обезбедување контрола од синдикатот при обезбедување мерки за безбедност и здравје при работа.

Во знак на придонес кон одбележувањето на овој ден, ССМ со конкретна активност одбележувањето ќе го продолжи и за 1-ви Мај, Меѓународниот ден на трудот, со отпочнување на Иницијатива за измени и дополнувања на Законот за безбедност и здравје при работа под слоганот „ЗА БЕЗБЕДНИ РАБОТНИ МЕСТА“.

Активностите околу одбележување на Меѓународниот ден на трудот, 1-ви Мај, согласно Одлуката на Претседателството на ССМ предвидено е да започнат во 10 часот на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје со презентирање на гранските синдикати здружени во ССМ и истите завршуваат во 11 и 30 часот.