КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

Печати

09.04.2014

09.04.2014-foto1Слика: Учесници на Конференцијата


На 8 и 9 април 2014 година во хотелот „Молика“ Битола во организација на Самостојниот синдикат на работниците од енергетиката, рударство и индустрија на Македонија се одржа Конференција посветена на социјалниот дијалог во земјите од Југоисточна Европа.

На конференцијата присуствуваа синдикати од Македонија, Турција, Бугарија, Романија, Србија и Црна Гора. Конференцијата ја отвори претседателот на ССЕРИ, Димче Дамчевски. Присутен беше и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски, кој во воведното обраќање укажа на значењето на социјалниот дијалог и предизвиците со кој истиот се соочува поради присутната светска криза. Република Македонија, посебно од периодот од 2010 година па наваму има константа во подобрувањето на социјалниот дијалог и е една од ретките примери каде социјалните партнери и во услови на криза бележат значајни резултати. Претседателот Митревски укажа на потребата од пополнување на една празнина во функционирање на социјалниот дијалог во претпријатијата во новоформираните индустриски зони, каде отсуствува овој социјален дијалог, како и постоењето на проблеми поврзани со потпишување на колективните договори и слабото синдикално организирање.

Присутните претставници од синдикатите отворија дискусии и разменија искуства за функционирањето на социјалниот дијалог во нивните земји и дојдоа до констатација и оценка за потребата за вакви конференции и семинари, каде е можно запознавањето со искуствата на различните земји, посебно на оние кои се членки на Европската Унија.