ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА ССМ ПО ОДНОС НА ИСПЛАТАТА НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

Печати

13.03.2014

13.03.2014-foto1Претседателот Митревски на денешната прес конференција

Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа прес конференција по однос на Законот за минимална плата на која присуствуваа Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски, Анѓелко Анѓелковски, секретар на Советот на ССМ и претседател на Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на РМ (СТКЧ), Павел Трендафилов, потпретседател на Советот на ССМ за приватниот сектор и претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија (СГИП) и Роберт Симоноски, потпретседател на Советот на ССМ за организациски развој и претседател на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство на Македонија (ССЕСМ).

Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски истакна дека Сојузот на синдикатите на Македонија и гранските синдикати здружени во ССМ будно ја следат состојбата во делот на спроведувањето на Законот за минимална плата, а како што беше објавено, зголемувањето на минималната плата во месец март изнесува 9,32%, што значи 3 пати повеќе зголемување од зголемувањето на животните трошоци или во износ од некаде 8.800,00 денари. Ако се земе предвид дека пред донесувањето на Законот за минималната плата во 2012 година, висината на минималната плата беше некаде околу 4.500 до 5.500 денари, првобитното зголемување на минималната плата беше 78,88%, а ако се има предвид дека во 2014 година со динамиката за зголемување на минималната плата до 2016 година, првата година зголемувањето е 9,32%, во 2015 година зголемувањето ќе биде 9.590,00 денари или зголемување од 8,98% за во 2016 година зголемувањето да биде 5,11% или 10.080,00 денари, што би значело дека минималната плата во 2016 година ќе биде повисока за 25,22%, од сегашната.

Исто така, минималната плата во дејностите текстил, кожа и чевли според податоците зголемувањето во 2016 година ќе биде 31,21% од сегашната или во 2018 година повисока за вкупно 46,96% од платата во 2013 година. Зголемувањето на платата од 2012 година до 2016 година ќе изнесува 25,22%.

Претседателот д-р Митревски истакна дека ССМ заедно со Министерството за труд и социјална политика и синдикалните активисти договорени се веднаш штом ќе има непочитување на Законот за минималната плата, согласно овој закон веднаш да алармираат, а потребно е и работниците во сите оние претпријатија кои не се синдикално организирани што е можно побрзо синдикално да се организираат за да може синдикатот легитимно да делува во тие претпријатија и да му се овозможи на секој работник во Република Македонија да ја добива минималната плата загарантирана со закон.

Исто така ССМ ја следи состојбата и разговара и со работодавачите и укажува и на казните кои се предвидени согласно законот за непочитување на Законот за минималната плата, па согласно член 7 од овој закон предвидени се казни во висина од 6.000 до 7.000 евра во денарска против вредност за работодавачот ако на работникот не му исплати минимална плата утврдена со закон и 3.000 до 4.000 евра на одговорното лице за неисплаќање на минималната плата.

Со оглед на тоа што ваквата минимална плата е утврдена заедно со социјалните партнери, а тоа се Владата и работодавачите, сметаме дека нема да има проблеми во делот на исплатата на платите, ова значи дека имаме подобрување на материјалната и социјалната положба на над 65.000 работници, а пред донесувањето за Законот за минималната плата имавме сериозен проблем со околу 80.000 работници кои земаа плата до 5.500 денари, па бенефитот со зголемувањето на минималната плата во 2014 година ќе опфати некаде околу 65.000 работници.