МИНИМАЛЕЦОТ ДА РАСТЕ ЗАЕДНО СО ТРОШОЦИТЕ ЗА ЖИВОТОТ

Печати

14.01.2014

Интервју на претседателот на ССМ д-р Живко Митревски
весник- Нова Македонија, 14.01.2014 година

ССМ бара измени во Законот за минимална плата

 

Промена на начинот на пресметка на минималната плата правопропорционално со трошоците на животот бара Сојузот на синдикатите на Македонија. Сегашниот начин на пресметка не ги вклучува инфлацијата и порастот на цените на производите, што, според синдикалците, може негативно да се одрази на стандардот на граѓаните што примаат минимална плата.

Од синдикатот додаваат дека при пресметување на минималецот треба да се вклучат и други елементи, како границата на сиромаштија. Според постојниот закон, минималната плата се пресметува како процент од просечната бруто-плата во Македонија (39,6 отсто) и изнесува 8.050 денари, или 131 евро.

Пораст на просечните плати

Законот за минимална плата се применува две години, а во синдикатот не ја исклучуваат можноста и понатаму во одредени компании тој да не се почитува.

Синдикалците сметаат дека зголемувањето на минималецот е можно ако се земат предвид последните показатели за економските движења во државата. Порастот на бруто-домашниот производ во трите квартали од минатата година, со 2,9, 3,9 и 3,3 отсто, според синдикатите, укажува дека земјата полека излегува од економската криза.

Поголема куповна моќ

Извештаите на Државниот завод за статистика во последниве месеци покажуваат пораст во повеќе индустриски области. Индустриското производство во периодот јануари-ноември 2013 година, во однос на истиот периодот 2012 година, изнесува 2,6 отсто, а регистриран е и пораст на бројот на работниците во индустријата. Овие економски показатели, како и најавите за зголемување на странските директни инвестиции и намалување на невработеноста, се дел од причините поради кои синдикатот смета дека има простор за пораст на минималната плата.

И стопанствениците бараат повисок минималец

Претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија од Министерството за труд и социјална политика пред истекот на 2013 година побараа минималната плата од 8.050 денари да се зголеми на 20.000 денари.

Ставот го застапуваат сите членови на комората, а претседателот посочи дека 20 илјади денари е плата што членките веќе им ја исплаќаат на вработените.

Минимална плата/во евра