НОВОГОДИШНА СРЕДБА СО НОВИНАРИТЕ

Печати

27.12.2013

27.12.2013-foto 11Претседателот Митревски ги информираше претставниците на медиумите за активностите на ССМ во 2013 година

Денес во ССМ се одржа новогодишна средба на новинарите со претседателот на ССМ д-р Живко Митревски. На средбата претседателот ан ССМ ги сумираше активностите на Синдикатот во 2013 година и информираше за целите во наредната година.
Најважно е што во 2013 година, која беше мошне сложена година во однос на социјално – економската криза, успеавме да ги одбраниме трите најважни столба: не дозволивме масовни отпуштања, немаше намалување на платите и ја сочувавме старосната граница за пензионирање, истакна Митревски.

Во делот на работното законодавство, по заеднички изградените ставови на социјалните партнери од практичната примена на Законот за работни односи се донесоа измени и дополнувања. Тие се однесуваат на:

Спогодбените откази – Предвидено е работникот своерачно да ги напише потребните податоци во случај на спогодбен отказ, со што ќе се спречи можноста од злоупотреба за потпишување предвремени бланко изјави од страна на работникот за отказ на договорот за вработување;

Мандатната казна за непријавените работници – Доколку се затекнат непријавени работници, работодавачот ќе се казни со глоба, а доколку истите не ги пријави во рок од 8 дена објектот каде се извршуваат работните задачи ќе биде затворен. Доколку се затекнат три или повеќе непријавени работници тогаш објектот ќе биде затворен, без да се изрекуваат мандатни казни. Во тој период не смее да биде отпуштен од работа ниеден работник, треба да им се исплаќа 70 отсто од платата, како и придонеси од плата;

27.12.2013-foto 21

Прецизирани се одредбите - Со кои се регулира работно – правниот статус на сезонските работници, се доуредуваат јавните огласи за вработување, евиденцијата за присуство на работа, обврската за задолжително претходно известување на државниот инспектор за труд при воведување на прекувремена работа и воведување на работа на државен празник и друго.

Околу скоро потпишаниот Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството посебно внимание е утврдувањето на регрес за годишен одмор. Тоа е традиционално работничко право, кое се регулира со колективен договор, одговори на прашањето на новинарите претседателот на ССМ. Работникот има право на регрес и ова важи за сите работници во приватниот сектор. Работниците од идната година задолжително треба да го исплаќаат регресот за годишен одмор во висина од 40 отсто.

Значаен чин во 2013 година е полноправното членство на ССМ во Меѓународната конфедерација на синдикатите и учеството во Паневропскиот комитет ПЕРК, со што работата на ССМ се легитимира на меѓународно ниво.

Значајни беа нашите активности за формирање локални економско – социјални совети. Како што е познато, на Први мај започнавме кампања за основање на овие совети во повеќе градови во државата, има доста постигнувања кои ќе продолжат и наредната година.