ПОСТИГНАТ ДОГОВОР ЗА ОСНОВАЊЕ ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛЕН СОВЕТ ВО РЕСЕН

Печати

 

01.09.2013

Потписниците на договорот пред Општината РесенПотписниците на договорот пред Општината РесенМинистерот за труд и социјална политика Диме Спасов, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија д-р Живко Митревски и градоначалникот на Општина Ресен м-р Ѓоко Стрезовски денес постигнаа договор за основање локален економско – социјален совет (ЛЕСС) на Општина Ресен.

Како што беше истакнато на состанокот, преку ЛЕСС се воспоставува демократски и социјален дијалог кој придонесува за надминување на предизвиците и водење економско-социјалната политика во општината. Целите на ЛЕСС се унапредување на животниот стандард на граѓаните во општините преку подобрување на деловното опкружување во локалната заедница, развој на претприемништвото и на социјалната политика, носење стратегии и акциски планови за развој на пазарот на трудот, како и зголемување на можностите за вработување на младите и други области.

Социјалниот дијалог на локално ниво треба да ги вклучи сите видови преговарање, договарање и размена на информации меѓу претставниците на локалната власт и социјалните партнери, синдикатите и организациите на работодавачите за прашања од заеднички интерес.

Преку реализација на ваквиот договор и потпишувањето ан Спогодбата, која очекуваме наскоро да се случи, ќе реализираме низа значајни активности во Општина Ресен, пред се во делот на она што посебно за нас е значајно за синдикатите, за Владата и за локалната самоуправа, а тоа е поттикнување на вработувањето – истакна за медиумите претседателот на ССМ д-р Живко Митревски.

Д-р Живко Митревски: Со ЛЕСС ќе реализираме низа активности, посебно поттикнување на вработувањетоД-р Живко Митревски: Со ЛЕСС ќе реализираме низа активности, посебно поттикнување на вработувањето

Заедничкото дејствување на локалните власти и социјалните партнери може да разреши многу значајни и приоритетни локални предизвици кои индирекно влијаат и на состојбите на национално ниво, рече министерот Спасов.

Зборувајќи за социјалниот дијалог на национално ниво Спасов истакна дека во изминатиот период Владата заедно со социјалните партнери вложи огромни напори за обезбедување ефикасен и функционален социјален дијалог. Социјалниот дијалог на национално ниво се одвива преку работата на Економско-социјалниот совет кој служи како форум за трипартитни консултации меѓу Владата и социјалните партнери, синдикатите и организациите на работодавачи за економски и социјални прашања, како и прашања од областа на трудот чија работа покажа дека е од огромно значење за економската и социјалната сфера. Токму затоа во континуитет се работеше на јакнење на капацитетите на социјалните партнери и тоа преку реализирање на многу обуки, семинари, работилници, конференции исклучиво за нивни потреби. Веќе е воспоставен партнерски пристап за многу прашања од економската и социјална сфера, како што се подготовка на закони и стратегиски документи. Следејќи ги искуствата и сознанијата во меѓународната пракса, социјалниот дијалог во земјата треба да биде важен инструмент и механизам во креирањето и имплементирањето на политиките и мерките во областа на економската и социјална сфера, заклучи Спасов.

Да користиме искуства, да користиме веќе воспоставени активности и норми, каде што сето тоа ќе влијае врз еден функционален напредок, функционален развој на економско социјалниот амбиент во општина Ресен, рече градоначалникот на Ресен м-р Ѓоко Стрезовски.