КОГА ЗА МАКЕДОНСКИОТ РАБОТНИК ЌЕ СЕ ПРИМЕНАТ МЕЃУНАРОДНИТЕ СТАНДАРДИ

Print
There are no translations available.

28.02.2008

Синдикатот за градежништво апелира до Владата да ги усвои меѓународните и европските трудови стандарди и да ја прекине бесмислената експлоатација на работниците...

 

Синдикатот за градежништво повторно апелира до Владата да се прифатат меѓународните стандарди во работните односи во Македонија. Со Конвенцијата 94 на Меѓународната организација на трудот (МОТ), односно нејзино внесување во македонските закони, ќе се прекине со класичната експлоатација на македонскиот работник, рече на денешната конференција за печат Павел Трендафилов, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП).

Повод е вчерашната седница на Економско социјалниот совет, кога по втор пат е одложено разгледувањето на Конвенцијата 94 на МОТ. Овојпат заради барањето на Бирото за јавни набавки за консултации. Не сме против консултации, но сметаме дека во македонското законодавство треба итно да се инкорпорираат европските закони, изјави Трендафилов.

Според званичната статистика во градежништвото работат 14.564 пријавени работници. Анкетата од истиот извор, Заводот за статистика, покажува дека во градежништвото во Македонија се ангажирани 37.100 лица, што значи дека 22.564 работници не се пријавени. Никој не знае колку се платени и во какви услови работат, но сигурно е дека немаат здравствено и пензиско осигурување.

Ова е само една од последиците на хаосот во пазарот на работна сила во земјава. Слично е во другите индустриски гранки и дејности. Илјадници луѓе работаат со години без здравствено осигурување и без ден работен стаж, а таа појава станува се помасовна.

СГИП две години води кампања за усвојување на Конвенцијата со цел да се среди хаосот и злоупотребите кај јавните набавки. Имано, со овој меѓународен документ право на учество на тендер имаат само регуларните претпријатија, оние кои на работниците им исплаќаат плати, придонеси и се што следува по закон.

Што се случува со тендерите во Македонија? Претпријатијата кои ангажираат работници на црно нудат пониска цена и ги победуваат претпријатијата кои ги извршуваат обврските кон работниците. Сега и тие се присилени да го избегнуваат законот, бидејќи во спротивно ќе пропаднат.

Конвенцијата го спречува користење на непријавени работници, всушност таквите претпријатија немаат право да се јават на тендер. Покрај другото Македонија ќе мора да ги среди работните односи поради своите евроатлантски  аспирации. Во деведесеттите години Европската унија донесе повеќе директиви: за поставување работници, за процедурите на договорите за јавни набавки, за јавните услуги, за јавните набавки за вода, енергија, транспорт, за казнување на работодавачот и одземање на работата ако ангажира непријавени работници.

Накусо, Европа ги има средено овие односи и Македонија ќе мора да го прифати истиот пат, изјави Трендафилов. Ќе мора да се менува и дополнува Законот за јавни набавки, исто и Законот за работни односи, за кој слушаме дека ќе се менува. Не сакаме да веруваме дека Бирото за јавните набавки сака да го измори Синдикатот и иницијативата да ја забошоти.

Инаку СГИП на истата тема одржа две меѓународни конференции и постојано се обраќа кон власта да се воведе ред во пазарот на работна сила во Македонија. Одржани се разговори со премиерот Никола Груевски и тој покажа интерес за регулирање на работните односи, информираше Трендафилов.