СОСТАНОК НА МЛАДИ ОД ЈУГО ИСТОЧНА ЕВРОПА: УЛОГАТА НА КОМУНИКАЦИЈАТА ВО СИНДИКАТИТЕ

Печати

2 и 3.12.2015

Слика 1. Учесниците на работилницата, претставници од секциите на млади од ЈИЕСлика 1. Учесниците на работилницата, претставници од секциите на млади од ЈИЕ

На 2 и 3ти декември 2015 година во Скопје од страна на Пан- европскиот регионален совет (ПЕРК) се одржа дводневна работилница насловена: „Улогата на комуникацијата во синдикатите“. На средбата присуствуваа 20 претставници од секциите на млади од земјите од Југо- источна Европа од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Србија, Македонија, на која учествуваа како и претставници од синдикатите од Шведска и Украина. Претставници од Македонија на оваа работилница беа м-р Лидија Насковска, претседател на Секцијата на млади на ССМ и м-р Ирена Ивановска, Сектор за меѓународна соработка.

Целта на оваа средбата беше да ги собере младите синдикалци од регионот, за размена на искуства во однос на важноста на комуникацијата во синдикатите, усвојувањето на нови вештини и подобрување на постоечките, и воспоставување на мрежа на млади на ЈИЕ за комуникации.

За време на состанокот беа презентирани примери за начини на комуникација во организации на синдикатите, каква е комуникацијата во моментот и каква треба да биде со членовите и потенцијалните членови, кои алатки и канали се користат за комуникација, како и приоритетите за комуникација во регионот.

Состанокот беше отворен од страна на м-р Лидија Насковска, претседател на Секцијата на млади на ССМ, која воедно им ја презентираше и состојбата со начинот на комуникација во синдикатот со членовите и новата комуникациска стратегија која е во тек, а се однесува на начинот на кој ССМ ќе комуницира и ќе се претставува пред потенцијалните и нови членови.

Пред учесниците на работилницата преку Skype конференциска врска од Брисел се обратија Антон Лепик и Тим Нунан од МКС / ПЕРК од Брисел. Со што учесниците имаа можност да разговараат со своите колеги во Брисел за комуникации и кампањи на Меѓународната конфедерација на синдикати (МКС) и приоритетите на Пан- европскиот регионален совет (ПЕРК).

По излагањето на сите учесници, свои презентации имаа и претставниците од синдикатот претставничката од TCO Шведска, Оса Один Екман и Претставничката од КВПУ Украина, Олесиа Бризгунова, која истовремено е и заменик- претседател на Комитетот на млади на ПЕРК

Претставничката од TCO Шведска, Оса Один Екман, низ својата презентација покажа примери за тоа како младите се вклучуваат и ангажираат во синдикатите во Шведска, зошто на синдикатите им е тешко да дојдат до младите луѓе, каков е новиот  шведски модел кој се применува и потенцира многу важни прашања околу комуникацијата на кои се разви дискусија.

Претставничката од КВПУ Украина, Олесиа Бризгунова, заменик претседател на Комитетот за млади на ПЕРК, зборуваше за Комитетот на младите на ПЕРК, нивните активности и приоритети и ја претстави брошурата „Воведувањето на младите луѓе во синдикатите“. Учесниците покажаа голем интерес и дадоа позитивни коментари.

Крајот на првиот ден беше заокружен со плодна дискусија во која сите учесници разменуваа искуства и добри пракси во делот на комуникациите, како и потенцирање на недостатоците кои би требало да се надминат.   

Вториот ден од работилницата беше посветен на работа во групи каде што учесниците беа поделени во две групи. Првата група го разработуваше делот на подобрување на комуникацијата во самите синдикати, додека втората група се фокусираше на подобрување на комуникацијата со самите членови, но и потенцијални членови.
По дводневниот состанок, се формираше мрежа за комуникација на младите од Југоисточна Европа, и сите учесници изразија желба за понатамошна работа и градење на стратегии за подобра комуникација, како на национално така и на регионално ниво.