ПРОЕКТОТ „МАКЕДОНИЈА ВРАБОТУВА“ ДОБИ ПОДДРШКА ОД СОЦИЈАЛНИТЕ ПАРТНЕРИ

Печати

3.4.2015

Слика 1. Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски на прес-конференцијатаСлика 1. Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски на прес-конференцијата

Денес во просториите на Министерството за труд и социјална политика се одржа 27-та седница на Економско социјалниот совет (ЕСС).

На состанокот присуствуваше министерот за труд и социјална работа, г-дин Диме Спасов, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски и останатите социјални партнери.

На оваа седница беа разгледувани и едногласно усвоени мерките по однос на предлог на закон за дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, предлог на закон за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и предлог на закон за дополнување на Законот за здравственото осигурување.

По завршувањето на седницата министерот заедно со социјалните партнери одржаа прес- конференција за медиумите. На оваа прес- конференција зема збор и претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски.

Во своето обраќање д-р Митревски ја истакна поддршката која ја даде денес Сојузот на синдикатите на Македонија за мерките кои денес беа усвоени, а кои ќе допринесат во борбата против невработеноста. Тој го искажа задоволството што овие мерки влегуваат на сила веднаш по потпишувањето на Програмата за пристојна работа, а едни од првите цели во оваа програма се поттикнување на вработувањето и конкурентноста на пазарот на трудот. Ваквиот проект значи и практично реализирање на претходно усвоената програма за работа на ЕСС, која инкорпорира мерки за вработување.

Меѓу другото тој истакна: „За Сојузот на синдикатите на Македонија ваквата мерка ќе значи остварување на повеќе цели, од една страна ќе значи можност за поттикнување на вработувањето, а од друга страна јакнење на тоа што го промовиравме во нашата кампања по повод празникот „1-ви Мај“ кога баравме добивање на сигурни работни места. Најзначајно за нас синдикатите е што за првпат се решава статусот на невработени лица кои се сместени во пет групи.  Во првата група се работниците на возраст до 35 години кои биле невработени најмалку 3 месеци претходно и за кои фирмите се ослободени од плаќање придонеси во рок од 3 години, со обврска да го задржат работникот уште една година. Со вториот сет се опфатени лица од 35 до 50 години, кои се без работа најмалку 10 години, а за кои ослободувањето за компаниите изнесува пет години. Третиот и четвртиот сет се однесуваат на работниците над 50 години и на ранливите категории, како родители на 3 и повеќе деца, самохрани родители, приматели на социјална помош, жртви на семејно насилство, поранешни професионални војници, лица со ограничена деловна способност. Петто, за работниците на возраст над 58 години нема да се плаќаат придонеси сè до нивното пензионирање. Со овие две последни мерки се решава статусот на една повозрасна категорија на работници за нивно вработување, вклучително и проблемот на стечајните работници.“

За ССМ и синдикатите посебно значајно е тоа што со вработувањето на повозрасните работници ќе се овозможи истите да дојдат и до потребните години за да можат да користат и услови за пензионирање. Често пати поради затворање на фирми се случуваше да недостигаат 2 до 3 години па непостоеја услови за добивање на пензија.

Исто така за ССМ и синдикатите е значајно што станува збор за вработувања на неопределено работно време, што за нас е исклучително значајно во промоцијата на кампањата „За сигурни работни места“.

Претседателот д-р Митревски потенцираше дека оваа мерка дополнително им овозможува на работодавачите да ги искористат квалификациите и стручната подготвеност на овие повозрасни работници, бидејќи порано се соочуваа со проблем да не можат да ги вработуваат вакви повозрасни категории кои се стручни и обучени.

Следна придобивка од овој вид на мерка претседателот д-р Митревски ја гледа во поттикнување на јавната потрошувачка, со самото тоа што оваа мерка ќе опфати нови 150 000 вработувања, а со тоа нови 150 000 семејства ќе имаат можност да ја подобрат својата економска и социјална положба и со сето тоа ќе се обезбеди заживување на економијата.

На крајот на прес- конференцијата претседателот д-р Митревски истакна:

„Ние како Сојуз на синдикати на Македонија сметаме дека оваа мерка ќе биде реална и работодавачите ќе ги искористат овие субвенции кои ги нуди државата, а со тоа ќе се намали невработеноста“.