ИСТОРИСКИ УСПЕХ НА ССМ - ССМ ПРИМЕН ВО ЕВРОПСКАТА КОНФЕДЕРАЦИЈА НА СИНДИКАТИ (ЕКС)

Печати

 

11.3.2015

Слика 1. Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски со Генералниот Секретар на ЕКС, г-ѓа Бернадет СеголСлика 1. Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски со Генералниот Секретар на ЕКС, г-ѓа Бернадет Сегол

Извршниот Комитет на Европската конфедерација на синдикати (ЕКС) на седницата која се одржа на 10.3.2015 година донесе одлука за прием на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) како полноправна членка.

На овој начин Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) станува прва организација која го пробива мразот за прием на Р. Македонија во Европското семејство.

Во однос на приемот, посебно беа потенцирани резултатите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во текот на изминатиот период во услови на тешка економска криза.
Како посебни заслуги и придобивки на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), раководството на ССМ и на претседателот на ССМ д-р Живко Митревски во текот на изминатиот период беа истакнати: донесувањето на Законот за минимална плата, враќање на правото на регрес за годишен одмор, донесување на Законот за заштита од вознемирување на работно место (мобинг), измени и дополнувања на Законот за безбедност и здравје при работа, зголемување на платите, одржливост на пензиската граница, формирање на Економско– социјалниот совет- ЕСС, формирање на Економско социјалните совети на локално ниво- ЛЕСС, ратификација на нови конвенции на МОТ и примената на 18 директиви на ЕУ во Законот за работни односи.

Со полноправното членство во Европската конфедерација на синдикати (ЕКС), Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ја добива можноста активно да биде вклучен во креирање на социјално економската политика и социјалниот дијалог на европско ниво и ја добива поддршката од големото европско синдикално семејство во сите активности, како и можноста да се вклучува во креирање на Европските директиви поврзани со работничките права.

Во програмата за работа на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), која ја креираше и спроведуваше раководството на ССМ и претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски, јасно беа дефинирани определбите на ССМ за приклучување во Меѓународната конфедерација на синдикати (МКС), каде што историски, за првпат, ССМ се приклучи во 2013 година и приклучување кон Европската конфедерација на синдикати (ЕКС), во која ССМ веќе доби полноправно членство.

Со приемот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во Европската конфедерација на синдикати (ЕКС), уште еднаш се потврдува активната улога и ангажман што го прави ССМ за реализација на своите програмски активности.

За информирање: Европската конфедерација на синдикати (ЕКС) е основана во 1973 година со цел да ги претставува и промовира интересите на работниците на европско ниво. Таа е составена од 88 национални синдикални федерации во 37 земји, плус 10 европски синдикални федерации. Европската Унија, Советот на Европа и Европската асоцијација за слободна трговија ја признаваат ЕКС како единствена меѓу- секторска синдикална организација која ги застапува работниците на европско ниво. Овој официјален статус е содржан во Договорот од Мастрихт (1992).

https://www.flickr.com/photos/etuc-ces/sets/72157650861972239/