ССМ ПРИМЕН ВО МЕЃУНАРОДНАТА КОНФЕДЕРАЦИЈА НА СИНДИКАТИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

29.10.2013 

29.10.2013 foto1Претседателот д-р Живко Митревски: ССМ го доби долго очекуваното полноправно членство во меѓународното синдикално семејство

Сојузот на синдикатите на Македонија е примен за полноправна членка на Меѓународната конфедерација на синдикатите (International Trade Union Confederation). Затоа денес Сојузот на синдикатите на Македонија прославува историски ден, изјави претседателот на ССМ д-р Живко Митревски на денешната свечена седница на Советот на ССМ.

На седницата на Советот присуствуваа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, министерот за одбрана Талат Џафери, претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија Драги Аргировски, почесниот претседател на СОНК Дојчин Цветановски, претседателот на СОНК Јаким Неделков, проф. д-р. Тодор Каламатиев и Александар Ристовски од Правниот факултет “Јустинијан Први“, Хајнц Богартс од Фондацијата “Фридрих Еберт“, Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија, Милан Петковски од Македонското здружение за заштита при работа и претставници од други организации.

До ССМ поздравни честитки упатија претседателот на државата Ѓорге Иванов и претседателот на Владата Никола Груевски. Исто така честитки се испратени од генералниот секретар на ИТУЦ Шерон Бјуроу и заменикот на генералниот секретар Јап Винен.
Денес по повод големиот настан раководството на ССМ одржа прес конференција, на која претседателот д-р Живко Митревски меѓу останатото рече:

 29.10.2013 foto2Гостите на свечената седница на Советот на ССМ

“Сојузот на синдикатите на Македонија во 2011 година доби придружно членство во Меѓународната конфедерација на синдикати, а денес веќе го доби толку очекуваното полноправно членство во светското синдикално семејство. Ова признание е историско, бидејќи истото се добива во услови на светска- економска, финансиска и должничка криза, каде навистина ретко беа присутни синдикални признанија.

Синдикалното светско раководство будно ги пратеше сите активности на новото раководство во ССМ и знаеше да ги препознае реформските и рационално и институционално осовремените синдикални методи и стратегии. Креирањето на новата современа синдикална позиција на релевантен социјален партнер, креацијата на новиот социјален дијалог, но и постигнатите резултати верификувани во работното законодавство, неговото унапредување наместо намалување, донесувањето на неколку историски закони во најтешки услови, како што се Законот за минимална плата, Законот за европски работнички совети и Законот за мобинг, не можеа а да не бидат забележани од страна на ИТУЦ(ITUC), како и напорите на ССМ за нивно донесување. Исто како што не можеа да не биде забележана имлементацијата на 19 Директиви во ЗРО со кои драстично се подобри позицијата на повеќе ранливи целни групи, како што се младите, жените, бремените жени, информирањето и консултирањето, елиминирањето на дискриминацијата и сл. Во овој период беа зголемени Меѓународните стандарди, беа ратификувани над осум клучни конвенции на МОТ, беше зголемен бројот на бенефицирани работни места и сл.

29.10.2013 foto3Раководството на ССМ на денешниот прес: со членството во ИТУЦ ќе се интензивира меѓународната соработка

Интегрирањето на ССМ во ИТУЦ е нотирана потврда за нашиот капацитет во остварувањето на заложбите и активностите за создавање услови и нормативна подлога за подобрување на економско-социјалната и работно-правната положба на работниците - нашето членство, за подобрување на животниот стандард и квалитетот на живеење, како и за подготвеноста на ССМ за меѓусебна толеранција и почит и широка вклученост во спроведувањето на зедничките стратегиски цели и задачи.
Приемот на ССМ во ИТУЦ е потврда и на добро институционализираниот социјален дијалог во РМ легитимиран со новата Спогодба за формирање на Економско-социјален совет од август 2010 год., но и со најновите иницијативи и потпишани спогодби за формирање на локални економско-социјални совети.

Приемот е потврда и на добро етаблираниот социјален дијалог со Владата на РМ и со работодавачите, кои излезот од кризата го побараа во нови економски политики, а не во рестрикции, намалени работнички права, отпуштања, зголемување на пензиски граници, што е присутно не само во соседството, туку и низ поголемиот дел од Европа и светот.
Со зачленувањето на ССМ во ИТУЦ очекуваме да се унапреди и интензивира меѓусебната соработка со останатите членки и да се зголеми координацијата и ефикасната реализација на заедничките активности кои се особено фокусирани на разрешување на проблемите од економско-социјален карактер, како што е невработеноста и потребата од зголемување на вработувањето (и во тој дел посебно за младите), утврдување на минимум социјална заштита и изградба на сеопфатни системи за социјална сигурност, што е согласно насоките и стандардите на МОТ за социјална правда за праведна глобализација, постигнати како резултат на глобалниот трипартитен консензус постигнат од страна на 185 земји-членки на МОТ, кои ја истакнуваат неразделивоста, меѓусебната поврзаност и заемната поддршка на вработувањето, социјалната заштита, социјалниот дијалог и правата од работа, односно четирите стратешки цели на Програмата за пристојна работа.

Како полноправна членка на ИТУЦ, ССМ очекува да има проток на информации и комуникација за промоција на трудовите стандарди, владеењето на правото и хармонизирање на националното со законодавството на ЕУ. Исто така, ќе биде корисно учеството на претставници на ССМ во работата и одлучувањето на органите и телата на ИТУЦ, како и интензивното вклучување во институциите на социјалниот дијалог заради детектирање, делегирање и следење на одредени проблеми и прашања од интерес за работниците, како и минимизирање и надминување на евентуалните последици и ризици по нивната економско-социјална и работно-правна положба.

Меѓународната конфедерација на синдикатите – ITUC е најголемата светска синдикална организација. Формирана е на 1 ноември 2006 година, на Основачкиот кoнгрес во Виена, со обединување на Меѓународната конфедерација на слободни синдикати (International Confederation of Free Trade Unions (ICFTU) која функционира од 1949 година и Светската конфедерација на трудот (World Confederation of Labour - WCL)која функционира од 1920 година . Вториот конгрес на ITUC е одржан во Ванкувер, Канада, во месец јуни 2010 година.

Меѓународната конфедерација на синдикатите – ITUC застапува 176 милиони работници од 156 земји и територии, со 325 национални синдикални сојузи.“

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc