ВО ССМ ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА ПРИСТОЈНА РАБОТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

07.10.2013

Денес во Сојузот на Синдикатите на Македонија на пригоден начин е одбележан 7 Октомври, Светскиот ден за пристојна работа, со одржување на семинарите “Концептот за пристојната работа и надзорните механизми на МОТ“ и заедничкиот семинар на секциите на жени при ССМ, КСС и УНАСМ “Заедно против дискриминацијата на жената“. 

07.10.2013 foto1Координаторот на МОТ за Македонија Емил Крстаноски, министерот Диме Спасов, претседателот д-р Живко Митревски и специјалистот на МОТ Овидиу Јурка го честитаа Светскиот ден за пристојна работа

Во рамките на семинарот  се одржа прес конференција, на која претседателот д-р Живко Митревски, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и специјалистот за работнички прашања на МОТ Овидиу Јурка на македонските работни луѓе јавно им го честитаа Светскиот ден за пристојна работа.

07.10.2013 foto2Претседателот Митревски истакна дека ССМ од 2010 година интензивно го одбележува меѓународниот ден

Претседателот на ССМ д-р Живко Митревски ги изложи основните компоненти на пристојната работа: Да се водат соодветни национални политики за зголемување на вработеноста, посебно за младите; Да се намалува стапката на сиромаштија; Да постои сигурност на работните места; Социјална сигурност; Еднакви можности за работа за сите, без дискриминација од било каков вид; Работата да биде извор на достоинство и благосостојба на работниците; Да се развива и практикува социјалниот дијалог и да се овозможува синдикатите да учествуваат во креирањето и одлучувањето за прашања значајни за работниците. (Подолу е објавено комплетното обраќање на претседателот Митревски).

07.10.2013 foto3Министерот Диме Спасов го потенцираше прогресот на социјалниот дијалог во Македонија

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека овој ден е прилика да се истакнат изминатите постигнувања и настојувањата за наредниот период, кои се во правец на подигнување на нивото на достоинството на трудот. Тој ги спомена Националната програма за вработување 2011 – 2015, Акциониот план за вработување млади, донесувањето на законите за минимална плата, за мобинг и другите прописи од работното право.

Социјалниот дијалог е напреднат, вклучени се синдикатите и организациите на работодавачи, додека за следниот период се предвидени многу други насоки за дејствување со цел подобрување на положбата на работните луѓе. Министерот Спасов ги спомена тековните измени, меѓу кои зголемувањето на платите во администрацијата за пет отсто, 1.600 вработувања на лица со загрозена социјална положба, Програмата за вработување на деца без родители, намалувањето на стапката на невработеност од 36 отсто во 2006 година на 28,8 отсто во првиот квартал од 2013 година.

07.10.2013 foto4Овидиу Јурка: За Меѓународната организација на трудот сите работници се исти

 Овидиу Јурка, специјалист за работнички прашања од седиштето на МОТ (ILO DWT/CO) во Будимпешта истакна дека за Меѓународната организација на трудот сите работници се исти, односно сите заслужуваат ист третман и почит. Јурка потенцираше дека напредокот на социјалниот дијалог е позитивен знак за реализација на основните концепти на пристојната работа, како што е владеење на правото, недискриминацијата, еднаквите можности, добриот систем на социјална заштита и другите концепти.

07.10.2013 foto5Hа собирот се разговараше за активностите на синдикатите во ратификацијата на конвенциите на МОТ

Агендата за вториот дел на семинарот вклучува презентации на претставници на синдикатите за статусот на колективното преговарање и надзорните механизми на МОТ и за синдикалните активности за ратификација на конвенциите на МОТ и нивната улога во извештаите на земјите на МОТ. Презентацијата на Овидиу Јурка гласи “Слобода на здружување и надзорните механизми - меѓународни трудови стандарди“. Следната тема на семинарот е “Надзорните механизми на МОТ и примери од Македонија – нови состојби“.

На семинарот присуствуваа претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, Унијата на автономни и независни синдикати, Организацијата на работодавачи, Бизнис конфедерацијата и други организации.

ОДРЖАН СЕМИНАРОТ “ЗАЕДНО ПРОТИВ ДИСКРИМИНАЦИЈАТА НА ЖЕНАТА“

07.10.2013 foto6Претседателот Митревски со претседателките на секциите на жени  Елизабета Гелевска (ССМ), Дивна Змејковска (УНАСМ) и Драгана Матлиоска (КСС)

Паралелно се одржа заедничкиот семинар на секциите на жени при ССМ, КСС и УНАСМ, на тема “Заедно против дискриминацијата на жената“. Собирот го поздрави претседателот д-р Живко Митревски, кој на жените синдикалки им порача дека заедничката организација на семинарот е показател за зближувањето на синдикатите. Концептот за пристојна работа е предизвик за нас, синдикатите, да ги активираме сите потенцијали во подобрувањето на позицијата на работниците, посебно во елиминирање на половата дискриминација. Овој собир се одржа во рамките на Проектот “Јакнење на капацитетите на вработените жени и вмрежување на Западниот Балкан“, кој се одвива со поддршка на Меѓународната синдикална конфедерација (ITUC) и ISCOS. Теми на оработка се: претседателот на Секцијата на жени при ССМ Елизабета Гелевска - “Еднаквоста и родовата дискриминација во работните односи во законодавството на Република Македонија“, Јована Тренчевска, координатор на Интерресорската група за еднакви можности на жените и мажите

“Закон за еднакви можности“, д-р Тодор Каламатиев од Правниот факултет “Јустинијан Први“ - “Дискриминација и мобинг на работното место“, Дивна Змејковска од УНАСМ -“Достоинствена работа“, Мила Царовска од МППС -“Достоинствен приход“ и Лидија Кекеновска Павиќ - “Искуства – мобинг – Канцеларија за мобинг - ССМ“.

СЛЕДУВА КОМПЛЕТНОТО ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ССМ Д-Р ЖИВКО МИТРЕВСКИ. 

1. Во основата на секое современо демократско и социјално одговорно општество е да се гарантира и почитува правото на работниците на пристојна работа за достоинство на трудот. За таа цел, неопходни се заеднички заложби и напори на сите одговорни субјекти во државата, работниците да ги остваруваат темелните права загарантирани со меѓународните и националните правни акти поврзани со трудот, пред сé, Декларацијата за човековите права на Обединетите нации.
Основните компоненти на пристојната работа се:

  • Да се водат соодветни национални политики за зголемување на вработеноста, посебно за младите
  • Да се намалува стапката на сиромаштија
  • Да има сигурност на работните места
  • Социјална сигурност
  • Еднакви можности за работа за сите, без дискриминација од било каков вид
  • Работата да биде извор на достоинство и благосостојба на работниците
  • Да се развива и практикува социјалниот дијалог и да се овозможува синдикатите да учествуваат во креирањето и одлучувањето за прашања значајни за работниците

2. Идејата и концептот за пристојна работа призлегуваат од Меѓународната организација на трудот, промовирани во 1999 година, на 87 Меѓународна конференција на трудот. Се заснова врз сфаќањето дека работата е извор на лично достоинство, демократија и општ економски раст во заедницата. Пристојната работа е клучен елемент за постигнување на фер глобализација и намалување на сиромаштијата. Идејата за пристојна работа е прифатена на Светскиот самит на Обединетите нации, во 2005 год., потоа од Економско-социјалниот совет на Обединетите нации (ECOSOC) во 2006 год., а на Светскиот социјален форум одржан во Најроби, е покрената кампања „Пристојна работа, достоинствен живот“ (2007 год.) и 7. Октомври е погласен како Светски ден за пристојна работа. Одбележувањето на овој ден е широко прифатено од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија. ССМ со тоа стана дел од глобалната акција за заштита и унапредување на економско-социјалната положба на работниците и остварување и унапредување на правото на работниците на пристојна работа.

3. Сојузот на синдикатите на Македонија како репрезентативен синдикат е определен да се бори да се ценат вредностите на трудот, да се следи трендот на остварување и зголемување на работничките права согласно воспоставените стандарди признати во светот:

  • Да се остварува уставното и законско право на вработените на синдикално организирање и дејствување и да се почитува синдикатот како рамноправен социјален партнер;
  • Да се намалува невработеноста,
  • Да се подобрува животниот стандард на работниците и да се сузбива сиромаштијата;
  • Работниците да работат во здрави и безбедни услови за работа;
  • Да се подобруваат условите за остварување на правото на пензија;
  • Заштита од било која форма на притисок на работното место и дискриминација;
  • Да јакне социјалнот дијалог, колективното преговарање и да се потпишуваат колективните договори на сите нивоа.

4. Во Република Македонија е донесена Национална програма за пристојна работа 2010-2013 год., по претходни трипартитни консултации со Министерството за труд и социјална политика, синдикатите, работодавачите и МОТ. Програмата се заснова врз четири основни стратешки цели: Отворање на работни места; Гарантирање на правата од работа; Унапредување на социјалната заштита; Промовирање на социјалниот дијалог.
Во таа насока, ССМ во овој период оствари повеќе активности:

  • Учествуваше во носењето на стратегии и акциони планови за вработување, при што особено ја нагласува потребата од вработување на младите (Националната стратегија за вработување – 2015; Националниот акционен план за вработување на Република Македонија 2011 – 2013; Оперативниот план за активните политики и мерки за вработување за 2012-2013; Акцискиот план за намалување на сивата економија за 2013 год.; Акцискиот план за вработување на младите 2015 год. и др.).
  • Во 2011 год. ја промовираше синдикалната минимална кошница како пореален модел на пресметување на трошоците на живот (Вредноста на синдикалната кошница за месец декември 2010 год. изнесуваше 29.199 денари).
  • Даваше мислења и предлози и бараше целосно спроведување на пакет-антикризните мерки на Владата на РМ, посебно за: економски развој, невработеност, социјален дијалог и колективно договарање, што придонесува македонската економија да стане поконкурентна на глобалниот пазар.
  • На иницијатива на ССМ во Република Македонија во периодот 2010-2013 година се ратификувани 8 конвенции на Меѓународната организација на трудот: Конвенција број 94, за регулирање на социјалните клаузули во јавните набавки, Конвенција за вршење работа дома, Конвенција за приватни агенции за вработување, Конвенција за заштита на мајчинството, Конвенцијата за промотивна рамка за безбедност и здравје при работа, Конвенција за колективно договарање, Конвенција и Препораката за работните односи (јавна служба) и Конвенција за администрација на труд.
  • Во делот на работното законодавство, ССМ придонесе во изготвувањето на нови и носењето на измени и дополнувања на македонските закони и нивно хармонизирање со европските. На иницијатива на ССМ се донесени нови закони: Закон за минимална плата (која изнесува 8.050 денари (130€) во нето-износ и 12.265 денари (199€) во бруто-износ), што е историски чин и успех за синдикатите и се придонесува за остварување на пристојна работа за секој работник; Закон за заштита од вознемирување на работното место (мобинг); Закон за европски работнички совети; Закон за пензиско и инвалидско осигурување.

Направени се измени и дополнувања на: Законот за работните односи, Законот за безбедност и здравје при работа и повеќе други закони.

5. Основите за функционирање на социјалниот дијалог во Република Македонија се воспоставени во 2005 година со Законот за работните односи, во кој се дефинирани и функциите на Економско-социјалниот совет на национално ниво. Првата Спогодба за формирање на Економско-социјалниот совет е потпишана во 1996 година, а новата Спогодба во 2010 година, меѓу Владата на Република Македонија и репрезентативните социјални партнери, меѓу кои и Сојузот на синдикатите на Македонија. ССМ, исто така, учествува во работата на Заедничкиот консултативен комитет со Европскиот социјален комитет (ЕКОСОК).

Водењето на колективните преговори и потпишувањето и примената на колективните договори, е значаен сегмент во процесот на социјалниот дијалог за подобрување и јакнење на работно-правната и економско-социјалната положба на работниците. ССМ е потписник на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, а во тек се преговорите за потпишување на Општиот колективен договор за јавниот сектор. На ниво на дејност се потпишани 15 грански колективни договори, а на ниво на работодавач во континуитет се потпишуваат бипартитните колективни договори.

Со јакнење на социјалниот дијалог, воспоставување на механизмите на социјалниот дијалог и негово развивање на сите нивоа, како и со активностите за натамошно јакнење на капацитетите на Министерството за труд и социјална политика и на социјалните партнери, се придонесува во исполнување на еден од приоритетите за забрзување на процесот на евроинтеграција на Република Македонија.

Сакам уште еднаш да истакнам дека пристојната работа се заснова врз уверувањето дека секое современо демократско општество треба да обезбедува вработување, социјален напредок и развој, достоинствен живот, еднаков третман и еднакви можности за сите за продуктивна работа и личен развој. Ние синдикатите сме исправени пред голем број предизвици во обезбедувањето пристојна работа. ССМ ќе ги следи позитивните синдикални европски и светски искуства на овој план и ќе се приклучува и ќе ги поддржува сите активности и акции во интерес на афирмирање, унапредување и остварување на работничките права и интереси и обезбедување пристојна работа за сите.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc