ОДРЖАНА ТРИБИНА ЗА РЕГИОНАЛНО ПОВРЗУВАЊЕ НА СИНДИКАТИТЕ ОД СООБРАЌАЈОТ И ВРСКИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

16.09.2013 

Проблемите со кои се соочуваат синдикатите од сообраќајот и врските во регионот во многу елементи се слични и оттаму уште посилни се мотивите за заедничко дејствување.

Ова беше кажано на Регионалната трибина “Регионално вмрежување и заедничките активности на синдикатите од земјите на Западен Балкан“, што се одржа на 15 и 16 септември во Скпје. На трибината, што ја организираа Синдикатот на работниците од сообраќајот и врските (СРСВМ) и Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија во Македонија, учествуваа претставници на Синдикатот за патишта и промет на Хрватска, Самостојниот синдикат за патен и градски сообраќај на Србија, Синдикатот за сообраќај и врски на Федерацијата Босна и Херцеговина и Синдикатот на транспортните работници на Бугарија, како и претставници и гости од други организации од земјава.
Синдикалците од регионот укажаа на неколку проблематични прашања кои се взаемни и се среќаваат при нивното дејстување – проблеми од областа на правата и обврските од работен однос на вработените кои се синдикални членови, проблеми од аспектот на синдикалното организирање и делување, како и проблемите околу колективното преговарање во национални рамки.

Со констатацијата дека сите синдикати делат исти проблеми во регионални рамки на семинарот постојано преовладуваше духот на взаемност, соработка и солидарност, кои доведоа до заземање на заеднички ставови. Имено, сите учесници акламативно ја поддржаа иницијативата за меѓусебна регионална синдикална соработка. Тоа подразбира вмрежување помеѓу синдикатите на регионално ниво од областа на транспортот и врските во сите полиња на дејствување. Вмрежувањето треба да помогне да се овозможи размена на информации, заедничко решавање на проблеми, можност за пристап до акти и документи како и взаемна помош и координација при учество во европски и меѓународни организации и тела. Сите учесници се согласни за развивање регионална соработка, со тоа што ќе ги пренесат искуствата од овој настан во своите земји со цел повеќе синдикати да се вклучат во оваа соработка.

На собирот се постигна согласност синдикатите СТСБ од Бугарија и СРСВМ од Македонија да ја координираат техничката поддршка при реализацијата на оваа Иницијатива, додека во состав на Иницијативниот комитет влегуваат учесници од сите земји и национални синдикати.

Исто така беше договорено техничката поддршка да ја извршува Канцеларијата на ФЕС, како мост за поврзување на комуникацијата на синдикатите, додека синдикалната политика и донесувањето на одлуки останува на синдикатите – учесници во иницијативата.

Учесниците најавија можност, доколку постојат финансиски услови, за одржување на следна средба за месец ноември.

На средбата беше упатен отворен повик за вклучување на колегите од сите земји во Меѓународната недела на акција во овој сектор (7-13 октомври) со цел да се одржат уште помасовни и координирани активности.

Понатаму беше договорено заеднички, со координирани активности, да се одбележи 25 Ноември, Меѓународниот ден на МОТ против насилство над жените, по кој повод Меѓународната транспортна организација секоја година организира кампањи.
Учесниците на оваа средба побараа од г-ѓа Екатерина Јорданова, член на Извршниот комитет на ИТФ, да ја пренесе информацијата за овој настан и заклучоците од него пред колегите во ИТФ.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc