СИНДИКАТОТ И МТСП ВО БОРБА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ БЕЗБЕДНИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

26.07.2013

26.07.2013 foto1Министерот Диме Спасов и претседателот д-р Живко Митревски на денешниот прес

Оваа година Сојузот на синдикатите на Македонија и Министерството за труд и социјална политика за прв пат одлучија превентивно да дејствуваат во заштитата на работниците од високите температури. Ова на денешната прес конференција, што се одржа во ССМ, го истакнаа претседателот на ССМ д-р Живко Митревски и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. Станува збор за комплекс на мерки, кои се повеќедимензионални и ќе опфатат повеќе субјекти. Мерките се насочени кон соодветна организираност на работата, пресметка на ризиците по работните места, едукативни моменти, препораки за должината на работното време, задолжителни мерки за климатизирање, заштитни средства, посебен режим на исхрана и друго. Задоволни сме што ССМ со МТСП и Владата за прв пат создаваат посебна програма за заштита од високите температури, нагласи претседателот Митревски. Министерот Диме Спасов информираше за препораките и мерките кои треба да ги почитуваат работодавачите. Во врска со зголемените температури Државниот инспекторат за труд во соработка со Институтот за медицина на трудот и Институтот за јавно здравје секојдневно ја следат временската состојба, зголемените температури, како и индексот на УВ зрачење, според показателите на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија.

26.07.2013 foto2

Во продолжение претседателот Митревски ги запозна новинарите со Предлог – мерките на ССМ за безбедност и здравје при работа и влијанието на топлотните бранови врз здравјето на работниците. Сојузот на синдикатите на Македонија во остварувањето на своите цели, приоритет му дава на доследното остварување на правото од работен однос работниците да работат во безбедни и здрави услови за работа. Во таа смисла, а со цел за заштита на здравјето на работниците во летната сезона кога се изложени на високи температури на своите работни места, кои штетно се одразуваат врз нивното здравје, ССМ бара да се создаваат соодветни услови за работа и да се превземаат неопходните мерки кои ги предвидува работно-правната норматива по ова прашање, посебно од страна на работодавачите, како непосредно одговорни. Согледувањата и информациите на ССМ, кои се темелат врз научни и стручни истражувања на специјализирани установи во Република Македонија, потврдуваат дека заради високите температури, најризични работни места по здравјето на работниците се оние од секторите: градежништво, земјоделство, електро-енергетика, металургија, транспорт/сообраќај, рударство (површински коп), трговија, прехранбена индустрија, комунална хигиена, текстилна индустрија, армија, полиција, пожарникари, и воопшто работници кои изведуваат теренски работи.

За да се избегне топлотната исцрпеност, да се постигне работната норма и работниците да не губат приходи, односно да се постигнува работната продуктивност, ССМ бара работодавачите, како најодговорни:

  • Да преземаат превентивни мерки кои ќе се однесуваат на соодветна организација на работата.
  • Да вршат контрола на работниот процес и да извршат проценка на ризик на работните места;
  • Да ги информираат работниците за високите температури, за топлотните бранови и за штетноста на УВ зраците, и да ги едуцираат за давање прва помош и за другите постапки и мерки што треба да се превземат за спречување на можните последици од влијанието на топлината врз нивното здравје;
  • Да ја избегнуваат прекувремената работа, да се користат паузите за одмор кои се утврдени со закон и ако е потребно да се користат дополнителни паузи за одмор кога температурата е висока, особено меѓу 11,00 и 16,00 часот;
  • За оние кои работат на отворен простор, да обезбедат разладување во определено засолниште или место под сенка;
  • За оние кои работат во затворен простор да обезбедат добро вентилирано и климатизирано работно место;
  • Да го следат здравјето на работниците и да организираат медицински прегледи согласно Законот;
  • Да обезбедат и да бараат употреба на лични заштитни средства, да препорачуваат носење соодветна облека, земање потребни количини течности, посебен режим на исхрана во летниот период и други превентивни мерки;

26.07.2013 foto3

ССМ апелира во оние работни средини каде што нема синдикат, вработените синдикално да се организираат и да избираат свои синдикални претставници, како и свои претставници за безбедност и здравје при работа кои ќе ги застапуваат нивните права според Законот за безбедност и здравје при работа, и да бараат работодавачот да соработува со нив, да ги информира и да обезбеди услови за извршување на нивните задачи.

Работниците, доколку имаат здравствени проблеми како резултат на високите температури, преку синдикалните претставници или претставниците за безбедност и здравје при работа тоа да го пријавуваат кај работодавачот, кој треба да ја разгледа можноста за преместување на друго работно место на тој работник или да одобри отсуство од работа во тој период. Ова особено се однесува на вулнерабилните групи на вработени: повозрасни работници, хронични болни, бремени жени.

Во спречувањето на можните последици по здравјето на работниците како резултат на летните високи температури и топлотните бранови, ССМ смета дека е потребен повеќедимензионален пристап и вклучување, пред сé, на: Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Националниот совет за безбедност и здравје при работа, Институтот за јавно здравје, Институтот по медицина на трудот, Државната трудова инспекција, локалната самоуправа, невладиниот сектор, и секако експертската и професионална заедница. Во таа функција би било и носењето на Акционен план на национално ниво за превенција од топлотните бранови, со цел да се избегнат ризиците по здравјето на работниците, што позитивно ќе се одрази врз зголемувањето на економскиот бенефит и за работниците и за работодавачите и за целокупната општествена заедница.

Министерот Диме Спасов објасни дека државните инспектори на труд ќе бараат да се спроведуваат безбедносни мерки и ќе ги даваат следните препораки:

  • адекватна вентилација и по можност климатизација во работниот простор,
  • да се избегнува работа на отворено за време на најтоплиот период во денот, од 11 до 17 часот,
  • промени во организацијата на работниот процес (воведување двосменска работа),
  • обезбедување засолништа каде вработените можат да се разладуваат,
  • почести паузи во текот на работата и консумирање течности,
  • работната облека да биде од лесна порозна ткаенина, а при работа на отворен простор да се носат очила и капи,
  • превентивни мерки за зголемени опасности од несреќа при работа.

26.07.2013 foto4

Доколку не се преземат мерки за заштита на безбедноста и здравјето од страна на работовачите, согласно Законот за безбедност и здравје при работа, ако инспекторот за труд врз основа на надзор кај работодавачот утврди дека постои непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените со решение ќе се забрани работата во целост или на дел од опремата за работа, на дел од погони или на целиот технолошки процес.

Ако работодавачот не постапи по решението на инспекторот за труд и во определен рок не ги отстрани утврдените неправилности и недостатоци ќе се санкционира според одредбите од Законот, при што ќе се казни со прекршок со глоба од 5.000 до 8.000 евра за правно лице и со глоба од 500 до 1.000 евра за одговорно лице. Во минатата 2012 година, кога Република Македонија беше зафатена со тополотен бран, фаза 2 (портокалова фаза), државните инспектори за труд дневно извршуваа по 80 инспекциски надзори, со по 30 решенија за забрана за вршење работни задачи, во периодот од 11 до 17 часот. Донесените врешенија на државните инспектори за труд работодавачите ги почитуваа и поради тоа не беше покрената ниту една прекршочна постапка.

Оваа недела е донесен Акциски план за до крајот на 2013 година, при што секој од државните инспектори за труд од областа безбедност и здравје посебно се задолжени да вршат месечно по 40 инспекциски надзори кај правни субјекти, при што ќе го утврдуваат спроведувањето на законските регулативи и значително ќе се зголеми контролата, информираше министерот Спасов.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc