СРЕДБА СО “УСАИД“ ЗА СОРАБОТКА ВО ОСНОВАЊЕТО ЛОКАЛНИ ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛНИ СОВЕТИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

 15.05.2013
15.05.2013 foto1Двете страни согласни дека локални совети се потребни за регионалниот развој
Сојузот на синдикатите на Македонија и невладината организација “УСАИД“ имаат блиски ставови и цели околу основањето и функционирањето на локални економско – социјални совети, така што може да се координира блиска соработка.

Ова е заеднички заклучок на денешната средба на претставници на оваа невладина организација со раководството на ССМ, на која присуствуваа претседателот д-р Живко Митревски, секретарот Анѓелко Анѓелковски, раководителот Слободан Трендафилов и советникот Лидија Насковска од страна на ССМ, додека “УСАИД“ го претставуваа Марија Игнатова – Ѓосева, специјалист за јавно – приватен дијалог и Ѓорѓи Кушевски, директор на проектот “Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување“.

Претседателот Митревски изнесе дополнителни информации околу Кампањата на ССМ за основање економско – социјални совети, која беше промовирана на Први мај. Разговарано е со повеќе општини, контактите се интензивни, така што во текот на оваа година може да се очекуваат спогодби за основање на локални ЕСС и во други градови, меѓу кои Битола, Велес, Ресен, Гостивар и други, информираше Митревски.

Марија Игњатова – Ѓосева истакна дека доста е напреднат дијалогот во Битола, каде социјалните партнери покажуваат голема сериозност во поглед на основање локален совет. Посебно треба да се размислува за моделите за локални ЕСС во општините во Скопје, со оглед на посебната административна организираност на главниот град, но во секој случај се контактира и со градоначалникот на град Скопје, така што постојат опции за локални совети на ниво на општини или на ниво на град.

Состојбите, капацитетите и можностите се разликуваат од еден во друг регион, така што се посебни и потребите во секој град, иако во сите места како приоритетен проблем се јавува вработувањето на младите, додаде Ѓорѓи Кушевски.

На средбата се разговараше за организирање заедничка конференција на почетокот на месец јуни, на која би присуствувале трите социјални партнери, заинтересираните општини и општините со формирани локални ЕСС, кои би ги пренеле своите искуства. Исто така треба да се разгледаат релациите меѓу локалните и националниот Економско – социјален совет.

Инаку познато е дека локални ЕСС се основани во Куманово, Кавадарци, Струмица, Тетово и Штип. Во овие совети партиципираат претставници на локалните самоуправи, синдикатите и работодавачите. По потреба се вклучуваат и невладини организации, граѓански здруженија и други локални структури. Во некои локални совети се изработени анализи за потребите на пазарот на труд, подготвени се акциски планови и начини за нивна реализација.

Ова не е прва средба на ССМ и “УСАИД“ околу оваа агенда. Со оглед на блискоста на целта двете организации и досега соработуваа околу организирањето на локални совети.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc