РАБОТНО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ПРАЗНИКОТ НА ТРУДОТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

Празникот на трудот и оваа година ССМ ќе го одбележи работно, со започнување Кампања за формирање локални економско – социјални совети.
Дента на празникот, на 1 мај, во 12 часот во ССМ, ќе се одржи прес конференција на која официјално ќе се промовира Kампањата за формирање локални економско – социјални совети. Во исто време ќе се одржат прес конференции во девет поголеми градови во државата.

ССМ во одбележувањето на овој голем празник на работниците се фокусираше на организирање кампањи за одредени конкретни прашања од интерес за работниците и подобрување на нивната економско-социјална положба. Постигнатите резултати претставуваат предизвик и натаму да продолжи ваквата практика на дејствување на ССМ по повод овој голем Празник на трудот.

Во 2010 година, во чест на Први Мај, ССМ одржа кампања под основното мото: „Зачлени се и запознај го твојот Синдикат“. Кампањата беше промовирана во Скопје, на Плошдатот „Македонија“, каде беа поставени штандови со: рекламен материјал на ССМ и синдикатите, пристапници, банер и флаери. Непосредно пред Први мај, во ССМ се одржа Прес конференција.

Резултат од Кампањата на ССМ: Зачленети се нови 26.000 членови во синдикатите здружени во ССМ.

Во 2011 година, во рамките на одбележувањето на Првомајскиот празник, ССМ започна кампања под мотото: „Минималната плата – потреба и обврска за материјалната и социјалната сигурност на вработените“, беше одржана и Конференција за минималната плата, а се одбележа и Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април. Целта на кампањата беше во Република Македонија да се донесе Закон за минимална плата. Кампањата на ССМ беше успешна, на 1.10.2011 година со социјалните партнери беше склучен Договор за минималната плата во висина од 8.050 ден. за 2012 година

Резултат од Кампањата на ССМ: донесен е Закон за минимална плата во Република Македонија

Во 2012 година, ССМ како и претходните години, Први мај го одбележа работно. Ја промовираше Иницијативата за носење посебен Закон за мобинг на Првомајската конференција, под мотото: „Да го заштитиме човековото достоинство со донесување закон за заштита од мобинг“. Оваа Иницијатива на ССМ е прифатена од страна на Економско-социјалниот совет и Владата на Република Македонија, ССМ понуди Предлог-текст на Законот за мобинг.

Резултат од Кампањата на ССМ: Иницијативата на ССМ е прифатена и е ставен во процедура Закон за спречување на психичко вознемирување на работното место.

Поаѓајќи од потребата за заживување и унапредување на социјалниот дијалог на локално ниво, оваа 2013 година, одбележувањето на Први Мај, ССМ ќе го посвети на интензивирање на кампања за формирање на локално економско-социјални совети. Во Република Македонија вакви совети се формирани во пет  општини: Струмица, Кавадарци, Куманово, Штип и Тетово. Во сите овие совети, ССМ има свои претставници. За наредниот период, се преговара и е најавено формирање на економско-социјални совети во: Битола, Велес и Скопје – општина Центар.

ССМ смета дека процесот на формирање на економско-социјалните совети на локално ниво треба да се интензивира со оглед на тоа што ова е најефективниот начин за поттикнување на социјалниот дијалог и заштита и промоција на економските и социјалните права и интереси на работниците и работодавачите на локално ниво. Со ова ќе се поттикне и потпишувањето на колективните договори на локално ниво, односно на ниво на работодавач, процес кој, исто така, треба да се промовира и интензивира.

Основаањето локални совети е согласно со европските концепти за зајакнување на структурите на локално ниво. Составот на локалните ЕСС е трипартитен, со учество на локалната управа, синдикатите и работодавачите. По потреба, зависно од природата на темата, се свикуваат претставници на невладини организации, граѓански здруженија, училишта, стопанство, комунални дејности.  Функцијата на локалните совети е консултативно  - советодавна. Досега најголем акцент се става на положбата на младите, на нивното образование кое треба да биде во склад со локалниот пазар на труд. Локалните ЕСС даваат свои мислења, препораки и предлози за одредени состојби и предлагаат начини на нивно спроведување.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc