ПРОМОЦИЈА НА ПУБЛИКАЦИЈАТА “ШТО ПОСТИГНАВМЕ – ПРОГРАМСКИ ПОТВРДИ“

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

 

ССМ настојува да придонесе за евроинтеграцијата на Република МакедонијаССМ настојува да придонесе за евроинтеграцијата на Република Македонија

28.03.2013 scanНовата публикација на Сојузот на синдикатите на Македонија, “Што постигнавме – програмски потврди“, е промовирана денес, во тек на одржувањето на Осмата седница на Советот на ССМ.

По повод промоцијата се одржа прес конференција, на која присуствуваа членови на Претседателството на ССМ. На конференцијата претседателот д-р Живко Митревски зборуваше за некои од позначајните постигнувања на ССМ во изминатиот пеириод.

Од почетокот на 2010 година ССМ направи неколку историски постигнувања, меѓу кои се донесувањето на Законот за минимална плата, со кои се подобри положбата на 65.000 работници, склучувањето на колективни договори, ратификацијата на нови конвенции на МОТ и на директивите на ЕУ, новиот закон за мобинг и други прашања.

За ССМ е битно да придонесе за порелаксиран приод на приемот на Република Македонија во Европската Унија.

Претседателот Митревски посети на бесплатната правна заштита што ја пружа ССМ, но исто така упати апел кон македонските работници да бидат похрабри и заеднички да придонесуваат кон подобрувањето на нивната положба во општеството.

Исто така апелираше до работниците и работодавачите да придонесат кон склучувањата на колективните договори, за кои не е важно само да се потпишат, туку вистински да се имплементираат во работните односи. ССМ од своја страна на секои два месеца ќе бара комплетен извештај за почитувањето на колективните договори. При склучувањето на колективните договори не е намалено ниту едно работничко право, додека во некои области се постигна напредок, како што е регулирањето на положбата на сезонските работници во аграрот.

Усвојувањето на меѓународните акти се исто така една значајна област која беше запоставена, но ние во изминатите три години инициравме усвојување на пет конвенции на МОТ, додека планираме усвојување на уште три конвенции и повеќе директиви на Европската Унија, изјави Митревски.

Со измените во Законот за работни односи се подобрени повеќе работни права, како информирањето и консултирањето, заштита од дискриминација по основ бременост, раѓање и родителство, спречување на злоупотребите на спогодбените откази, воведени се казни за непријавените работници и други права.

Напредуваат активностите во унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа. Покрај постојаните ангажмани одржани се проекти за безбедност и здравје со помош на Европската Унија.

На прашањето на новинарите за новиот закон за мобинг одговорот гласеше дека на Економско – социјалниот совет е утврден конечниот текст, со тоа што после изборите законот треба да влезе во процедура.

Претседателот д-р Живко Mитревски зборуваше за новата публикација на седницата на Советот. Неговотот излагање го пренесуваме во целост.

Сојузот на синдикатите на Македонија е организација на работниците која е определена во своето работење да биде отворена за соработка, транспарентна, секогаш подготвена да комуницира со своето членство да го запознава и информира за сите предизвици со кои се соочува, како и за сите постигнувања. На овој начин ги реафирмираме и реформираме класичните методи и пристапи, односно настојуваме со практичен, рационален, осовременет и институционален пристап да ги реализираме утврдените цели и определби на ССМ.

Со таа намера е и издавањето на оваа публикација, прва од ваков вид, која на специфичен начин, како посебно издание, ги бележи конкретните достигнувања и резултати на ССМ преку практичен приод во решавање на проблемите со кои се соочуваме во периодот по одржувањето на последниот Конгрес, кој воедно претставува воспоставување на нова страница на дејствување и работење на ССМ и неговите здружени синдикати.

1. ССМ е единствена организација на работниците во Република Македонија која опстојува цело столетие и која во континуитет се доградува врз принципот на доброволност, независност и солидарнoст, како модерна, демократска организација, која се залага преку конструктивна соработка со социјалните партнери и водење модерен европски социјален дијалог, да влијае за подобрување на работно-правната и економско-социјалната положба на работниците, доследно почитување на синдикалните слободи и права утврдени во Уставот на РМ, законите, колективните договори и меѓународните стандарди на трудот, за економски просперитет на нашата држава и нејзин побрз пристап кон евроинтеграциските процеси.

 

2. ССМ е признат социјален партнер и неговите и активностите на здружените синдикати, се конкретен одговор на повеќе полиња каде ССМ со креациите на институционално вмрежување ја гради својата позиција, го гради и унапредува социјалниот дијалог, постигнувајќи резултати верификувани и во оваа публикација.

Како репрезентативен социјален партнер, ССМ учествува во одлучувањето на сите релевантни субјекти за прашања од трудот, со почитување на основните принципи на социјален дијалог. ССМ учествува во работата на соодветните комисии на Собранието на РМ: за труд и социјална политика, законодавно-правната комисија, финансирање и буџет, здравство, еднакви можности на жените и мажите. ССМ учествува со свои претставници во работата на Националниот совет за евроинтеграции, Националниот совет за безбедност и здравје при работа, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување.

Во 2010 година меѓу Владата на РМ и репрезентативните социјални партнери, меѓу кои и ССМ, се потпиша новата Спогодба за основање на Економско-социјален совет, а до крајот на 2012 година, економско-социјален совет е основан во 5 општини (Куманово, Струмица, Штип, Тетово и Кавадарци), а во постапка се и основање на истите во повеќе други општини.

За што попродуктивно вработување, ССМ предложи: спроведување на ефикасни, соодветно насочени активни политики на пазарот на трудот и во рамките на Економско-социјалниот совет како посебно тело се формира Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата, во кое ССМ учествува со свои претставници, придонесувајќи македонската економија да стане поконкурентна на глобалниот пазар.

ССМ активно учествува и ги застапува интересите на трудот, односно синдикатите од Република Македонија, во Заедничкиот консултативен комитет со Европскиот социјален комитет (ЕКОСОК), кое е исклучително значајно тело и за кое во иднина ќе се заложиме да добие уште повисок третман.

Развивајќи го и практикувајќи го социјалниот дијалог, преговарањето и колективното договарање во надминувањето на проблемите кои го тангираат трудот, како резултат на што најчесто се постигнува консензус или се склучуваат колективни договори или спогодби и се задоволуваат работничките барања и интереси, како и доследното извршување на функцијата на Економско-социјалниот совет на национално ниво и на локалните економско-социјални совети, во последните години придонесовме се повеќе да се намалува бројот на штрајкови, протести или прекини на работата.

Кон ова придонесува и бесплатната правна помош, совети и застапувања што ги добива членството од страна на правните служби на синдикатите и ССМ. Исто така, ССМ одржува едукативни активности со цел да ја издигне свеста кај работниците и работодавачите, да го користат законското право на мирно, спогодбено арбитрарно решавање на споровите од работа и постигнување на ефективни решенија од заеднички интерес. Со примена на основните начела во мирното решавање на трудовите спорови: доброволност, непристрасност и правичност ќе се дојде до: побрз, поедноставен и поефективен пристап за решавање на колективните и индивидуалните работни спорови.

 

3. Склучените колективни договори, од кои некои за првпат во долгогодишната синдикална историја, како оној за енергетика, но и оној во кој за првпат се опфатени и заштитени одредени категории на работници, како на пример, сезонските работници, го потврдува напредокот на процесот на легитимирање на позицијата на синдикатите и ССМ во целина.

Согласно законските одредби, ССМ како репрезентативен синдикат е потписник на општите колективни договори на национално ниво. Во таа смисла, ССМ е потписник на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството во континуитет, а последниот Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (пречистен текст) е потпишан во месец ноември 2012 година.

Со потпишувањето на Општиот колективен договор за приватниот сектор, и во услови на европска и светска криза, без намалување на ниту едно работничко право, ССМ јасно ја покажа и докажа својата одговорна и бескомпромисна поставеност во одбрана на работничките права во најтешки услови.

Во врска со потпишувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор во Република Македонија, преговорите се во тек. Потписници на овој колективен договор се: ССМ, КСС и Владата на РМ преку соодветните министерства.

Репрезентативни синдикати во рамките на ССМ има 11, а по оддели на ниво на гранка се склучени 15 колективни договори.

 

4. Во однос на работното законодавство придонесот на ССМ е во запирањето на процесот на намалување на работничките права и се бележи процес на нивно унапредување со имплементирање на низа ЕУ директиви и конвенции на Меѓународната организација на трудот.   

Во периодот од 2010-2012 година, активностите на ССМ на планот на работното законодавство беа од исклучително значење при измена и дополнување на законите, нивното имплементирање, носењето нови закони, итн. Настапувавме со аргументирани барања, како на пример за:

Законот за работните односи - во кој наместо предложените 30% надоместок на плата за време на суспензија, на предлог на ССМ се прифати надоместокот за време на суспензија да изнесува 50% од платата, која работникот ја примал претходниот месец; потоа се изборивме за зајакнувањето на улогата на синдикатот, односно од страна на работодавачот навремено да биде информиран, да учествува и да биде консултиран за прашања од интерес на работниците; да се допрецизира забраната за дискриминација, за зајакнување на договорите за вработување, заштитата на младите и забрана на детскиот труд. Исто така во одос на овој Закон беше прифатена иницијативата на ССМ од страна на Уставниот суд и беа изменети членовите на ЗРО во врска со: дефинирањето на „работното време“; регулирањето на ноќната работа и утврдувањето на репрезентативноста на синдикатите. ССМ, покрај тоа се избори за поволни решенија во ЗРО и во врска со: трансформирањето на работниот однос на неопределено време; потоа во случај на неспособност за работа на работникот до која дошло поради повреди настанати заради необезбедени мерки, работодавачот го исплаќа надоместокот на плата и по истекот на 30 дена; заштитата од секаков вид дискриминација по основ на бременост, раѓање и родителство; за спогодбените откази;мандатната казна за непријавените работници; прецизирани се одредбите со кои: се регулира работно-правниот статус на сезонските работници, се доуредуваат јавните огласи за вработување, евиденцијата за присуство на работа, обврската за задолжително претходно известување на државниот инспектор за труд при воведување на прекувремена работа и воведување на работа на државен празник, и др.;

Законот за пензиско и инвалидско осигурување - со чии измени и дополнувања на рударите кои работат во рудниците со подземен коп им се обезбеди право на намалување на старосната граница за стекнување на старосна пензија за секој период поминат на работно место со одреден степен на зголемување на стажот;

- Се изборивме за поволни решенија при измените и дополнувањата на Законот за безбедност и здравје при работа;Законот за образование на возрасни, Закон за стручно образование и обука, итн.

- ССМ придонесе и за носење на нови закони, како: Законот за европски работнички совет иЗакон за минимална плата на РМ (што претставува историски чин и е затворено едно од најзначајните прашања кое 20 години наназад не беше уредено);

- Исто така, прифатена е иницијативата на ССМ од Економско-социјалниот совет и Владата на РМ и во тек е постапката за носење Закон за спречување на психичко вознемирување на работното место (мобинг);

- Ја промовиравме синдикалната минимална кошница како пореален модел на пресметување на трошоците на живот.

- ССМ учествуваше во разгледувањето и донесувањето на многу други значајни закони: Законот за исплата на плати, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, Законот за државни службеници, Законот за судски служби, Законот за парнична постапка, Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за еднакви можности на жените и мажите, Законот за државни службеници, и други закони.

 

5. ССМ за евроинтеграциските процеси придонесува прекуНационалниот совет за евроинтеграции при Собранието на Република Македонија и активно се залага за инкорпорирање на меѓународните трудови стандарди во македонските закони и нивно спроведување. Во 2010-2012 г. на иницијатива на ССМ се ратификувани 5 конвенции на МОТ: за регулирање на социјалните клаузули во јавните набавки; за вршење работа дома; за приватни агенции за вработување; за заштита на мајчинството и за промотивна рамка за безбедност и здравје при работа. Исто така, ССМ има покренатоИницијатива за ратификување на конвенциите: за колективно договарање, бр. 154; за работните односи (јавна служба) бр. 151, Препораката за работните односи (јавна служба) бр. 159 и Конвенцијата за администрација на труд, бр. 150.

 

6. Синдикалната соработка е континуиран процеси во овој период бележиме меѓународно легитимирање на позицијата на ССМ. Имено, во 2011 година, ССМ е примен во Светската конфедерација на синдикати како асоцијативна членка, истата година ја потпиша Основачката повелба и е формиран Регионален синдикален совет „Солидарност“. Исто така, ССМ потпиша Меморандум за соработка со Конфедерацијата на слободни синдикати и Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, а во 2012 година е отворен процесот за здружување на синдикатите во Македонија.

ССМ е учесник на многубројни активности и форуми на ИТУЦ – ПЕРК, Паневропскиот регионален совет на синдикатите од Југоисточна Европа; Европската конфедерација на сидникатите и ги поддржува сите нивни активности и акции во интерес на подобрување на работно-правната и материјално-социјалната положба на работниците, како што е акциите за одбележувањето на: Меѓународниот ден на трудот; Европскиот ден на акција и солидарност; Светскиот ден за пристојна работа; Светскиот ден и Европската недела за безбедност и здравје при работа; потоа Светскиот ден за социјална правда на Обединетите нации; Светскиот ден на човековите права, и др.

Сојузот на синдикатите на Македонија е отворен за соработка со секоја невладина организација, здружение, односно граѓанска асоцијација доколку во нивните програми за дејствување се содржани определби сродни на програмските определби на ССМ. Во 2012 година ССМ потпиша Меморандум за соработка со Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и Македонското здружение за заштита при работа, потоа соработува со здруженијата на стечајните работници, работниците прогласени технолошки вишок, организациите на жени, институти и експерти чија цел е развивање на економијата, демократските процеси и воопшто правата од работа.  

 

7. Сојузот на синдикатите на Македонија во опишаниот период направи крупни промени и во едукативниот концепт, со формирањето на Школата за млади синдикални лидери и во дејствувањето на Секцијата на млади и Секцијата на жени при ССМ кои беа поврзани непосредно со остварувањето на правата на жените и младите, нивната регулираност со законите, почитувајќи го еднаквиот третман на жените и младите на пазарот на трудот, подобрувањето на условите за работа и борбата против дискриминацијата. Секцијата на жени при ССМ активно учествуваше при донесувањето на Националната стратегија против дискриминацијата, Законот за еднакви можности меѓу мажите и жените и ратификацијата на Конвенцијата на заштита на мајчинството.

Со цел за поголема информираност и образование на жените и младите, ССМ со поддршка на фондацијата „Фридрих Еберт“ издаде: „Прирачник за синдикални претставници“ и „Права од работен однос на жените и младите во Република Македонија“.

Отпечатените факти во публикацијата Што постигнавме – програмски потврди“ се факти на еден заеднички активен, одговорен и пожртвуван самопридонес на сите членови на синдикатите, на раководствата на органите и телата на синдикатите и на ССМ во давањето на конкретни решенија за подобрување на социјалната и економската положба на работниците, но и за позицијата на ССМ.

Овие факти се резултат и на стратешки осмислениот пристап и одговор на социјалното партнерство во РМ, но и реафирмираниот заеднички пристап на синдикатите во синдикалното движење на ССМ.

Затоа, на сите субјекти во овој процес им изразувам посебна благодарност.

На крајот, дозволете ми да изнесам дека ова се само дел од конкретните потврдени програмски определби кои заради нивното значење сметавме дека е потребно посебно да се потенцираат, а се резултат на нашата континуирана и безрезервна заедничка активност. Согласно Статутот на ССМ и Програмата за дејствување на ССМ 2010-2015 година усвоена на 18. Конгрес на ССМ, нашите активности продолжуваат понатаму и ќе се залагаме за уште поголеми постигнувања од интерес за унапредување и заштита на правата работниците – нашето членство.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc