СООПШТЕНИЕ ПО ПОВОД 20 ФЕВРУАРИ, СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА СОЦИЈАЛНА ПРАВДА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

Порака на Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун за Светскиот Ден на социјална правда 2013 година
Сојузот на синдикатите на Македонија во целост ги поддржува начелата и барањата на ООН по повод Светскиот ден за социјална правда. Во тој правец, наведуваме дека принципите врз кои се заснова социјалната правда се еднаквост, почитување на различностите, солидарност и меѓусебна одговорност. Во основа значи дека сите луѓе имаат право да живеат достоинствено од својот труд.
Светот е соочен од последиците на економската криза која на глобално ниво доведе до пораст на невработеноста и сиромаштијата. Во Република Македонија се чувствуваат последиците од кризата, меѓутоа сметаме дека со заеднички напори на социјалните партнери, како и на другите релевантни субјекти во општеството, можеме да ги ублажиме и надминуваме негативните последици од кризата врз стандардот на работниците и граѓаните.
Во трите изминати години ССМ се залагаше да ги оствари целите за намалување на сиромаштијата, пораст на вработеноста, преземање мерки за родовата еднаквост и соодветно вклучување на младите, жените и дугите ранливи групи на пазарот на трудот, забрана на дискриминацијата по разни основи, генерално да ги отстранува последиците од светската економска, финансиска и должничка криза.
Во нашите општи цели за постигнување социјална праведност и натаму ќе продолжиме посветено и одговорно да се залагаме за почитување и унапредување на правата од работен однос преку законската регулатива согласно меѓународните трудови стандарди, да јакне социјалниот дијалог, колективното преговарање и договарање, примената и зголемувањето на минималната плата, намалување на бројот на невработените, сузбивање на сиромаштијата, обезбедување на материјално-социјална заштита и сигурност на работниците и граѓаните на Република Македонија.
Сојуз на синдикатите на Македонија